ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.06.2025
Како Трамп ја поткопува меката моќ на САД
Автор: Goce Author

Одлуката на администрацијата на претседателот Доналд Трамп да го прекине или суспендира финансирањето на некои од најважните институции кои со години одиграле клучна улога во јавната дипломатија на САД – како што се УСАИД, Гласот на Америка (Voice of America – VoA) и Радио Слободна Европа (RFE/RL) – претставува драматичен и опасен пресврт во начинот на кој Соединетите Американски Држави ја проектираат својата моќ, интереси и вредности во светот.

Овие потези официјално се претставени како дел од поширока реформа на федералната потрошувачка. Обид за враќање на ефикасноста и обезбедување дека парите на американските даночни обврзници се користат во согласност со националните интереси.

Извор: freepik.com

На површината, ваквото образложение може да звучи рационално, особено за влада која има намера да спроведе институционална реорганизација. Сепак, причините за овие одлуки одат подалеку од буџетските заштеди. Всушност, овие мерки се резултат на политиката на администрацијата на Трамп, позната како „Америка на прво место“ (America First).

Таа политика се заснова на скептичен пристап кон меѓународните ангажмани и глобалните институции, со цел ограничување или укинување на инструментите на мека моќ што се сметаат за „преекспонирани“ или „неефикасни“. Овој пристап ја предизвикува традиционалната американска стратегија на користење на јавната дипломатија како алатка за промовирање на демократијата и за проширување на глобалното влијание на САД. Дополнително, тој ризикува да го ослабне еден од најважните стратешки адути што САД историски го имале на меѓународната сцена: меката моќ и способноста да се обликува глобалното јавно мислење преку дипломатско и културно влијание.

Меката моќ како инструмент на надворешната политика на САД

Од крајот на Втората светска војна, САД сфатија дека нивната моќ не произлегува само од воениот арсенал, географската позиција или бројноста на населението, туку и од моќта на примерот, вредностите и културата. Тоа е концептот на „мека моќ“, формулиран од американскиот научник Џозеф Нај, кој се однесува на способноста на државите да ги привлечат другите кон своите вредности и интереси без употреба на сила или закана. Токму преку меката моќ, САД изградија мрежа на сојузи, помогнаа во стабилизирањето на многу региони и ги проширија моделите на демократско владеење.

Во тој контекст, УСАИД со децении беше еден од најефикасните инструменти на ваквиот пристап. Помошта за економски развој, поддршката за граѓанското општество и инвестициите во образованието и здравството создадоа сојузници, стабилизираа кризни региони и помогнаа во изградбата на демократски институции. Иако некои глобални проекти на УСАИД беа спорни и не секогаш целосно оправдани, како на пример дистрибуцијата на илјадници оброци за борци поврзани со терористичката организација Ал-Каеда во Сирија, или пак доделувањето шест милиони долари за промоција на туризмот во Египет.

Од друга страна, Гласот на Америка и Радио Слободна Европа беа независни и храбри гласови што ги информираа граѓаните во најпотиснатите делови на светот, каде што слободата на изразување е луксуз. Затворањето на овие институции директно ја поткопува способноста на САД да бидат кредибилни, да ги проектираат вредностите што ги направиле модел за општества ширум светот, но и да ги унапредат своите интереси на мирољубив начин.

Ослабнувањето на меката моќ на САД и добивката на ривалите

Секоја можна буџетска заштеда што би можела да се постигне со целосно затворање на USAID или со укинување на професионални медиуми како Гласот на Америка и Радио Слободна Европа е занемарлива во споредба со долгорочната штета што овие потези ја носат. Вистинската цена е губењето на довербата, влијанието и престижот на САД во светот, со што се ослабнува и нејзината позиција како гарантор на либералниот меѓународен поредок.

Автор:Алфред Марлеку

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате овде.)

Паметните телефони ризик – кои се најчести?
Генерацијата Z ги тера миленијалците во пензија