
Децата ширум светот со нетрпение го чекаат утрото за да видат што ќе остави нивниот омилен светец во чорапот или чизмите што ги оставиле на прозорецот претходната вечер. Покрај куп слатки и играчки, подарете им на децата приказна за Свети Никола.
Сигурно ќе ги заинтересирате кога ќе им кажете дека многу луѓе веруваат дека Свети Никола е вистинскиот Дедо Мраз. Веруваме дека и вас ве интересира кој бил тој човек кој го сакаат милиони деца ширум светот.

Photo by Earl Wilcox on Unsplash
Никола е роден на почетокот на IV век во градот Патара, во денешна Турција, во богато семејство. Неговите родители умреле од чума уште кога Никола бил момче, а му оставиле многу пари. Богатото момче отишло да живее кај својот вујко кој бил свештеник. Никола веќе тогаш почнал целото свое богатство да го дели со сиромашните, но на таков начин што тие не знаеја кој е нивниот добродетел.
Никола слушнал тажна приказна од својот вујко за човек кој ги изгубил сите пари и имал три ќерки кои сакал да ги омажи. Без пари тоа не е возможно, бидејќи во тоа време секоја млада девојка морала да донесе мираз во својот нов дом. Несреќниот човек немал пари ни за храна, па неговото семејство долго време гладувало. Затоа, тој бил принуден да ја донесе најтешката одлука за да ги спаси од смртта – да ги продаде како робови. Повеќе не можел да ги чува во својот дом. Девојките биле екстремно тажни затоа што никогаш нема да имаат свои семејства, ќе бидат робови до крајот на животот, а за нивните животи ќе одлучуваат други.
Вечерта пред да се продаде најстарата ќерка, Никола низ прозорецот од нејзината соба ставил купче пари. Кога се разбудила наутро го нашла богатството! Била пресреќна, бидејќи златото и било доволно за свадба и храна за целото семејство. Следното утро нашле уште едно купче со злато! Сега имале доволно пари за свадбата на втората ќерка! Третото богатство Никола го ставил низ оџакот во домот на сиромавите, бидејќи сите прозорци биле затворени. Легендата вели дека парите паднале во чорап кој се сушел над шпоретот.
Наскоро Никола го почувствувал Божјиот повик да стане свештеник. Во тоа време тој бил само тинејџер, па сите го фалеле и го познавале како „момчето свештеник“. Тој продолжи да им помага на луѓето, но секогаш во тајност. Не сакал никаква слава, внимание или благодарност. Неколку пати патувал во Египет, Палестина и други свети области каде видел многу страдања. Римјаните ги уривале христијанските споменици и ги протерувале христијаните, забранувајќи им ја нивната вера. На своите патувања Никола ги охрабрувал верниците да си помагаат. На враќање од Палестина го зафатило големо невреме во морето кое се заканувало да го потопи бродот. Дури кога Никола отишол на палубата и почнал да се моли, невремето стивнало, а бродот се насукал во близина на гратчето Мира, далеку од домот на Никола.
Во тоа време свештениците размислувале за избор на нов епископ во Мири. Бидејќи не можеле да одлучат, се договориле новиот епископ да биде човекот кој прв ќе дојде на утринската молитва. Тоа бил Никола. Поминале години, а Никола продолжил да им помага на верниците. Кога заедницата останала без храна, тој нашол жито и ги спасил луѓето од глад. Тој секогаш им помагал на луѓето во неволја и во текот на својот живот беше пример за човек кој се грижи за другите.
Затоа луѓето го сакаа толку многу. Кога умре, раскажуваа различни и неверојатни приказни за него, неговите добри дела и добрина. Особено морнарите на долгите патувања сакале да раскажуваат приказни за Никола, а најмногу за неговата љубов кон децата кои ги штител во опасни времиња.
Никола во животот секогаш се борел против неправдата и за љубовта. Починал на 6 декември 343 година и бил погребан во Мири, каде и денес се наоѓа саркофагот во кој претходно било ставено неговото тело.
Денес, неговите мошти се наоѓаат во Бари, Италија, каде што неговото тело е пренесено во 1096 година. Неговите останки се наоѓаат во величествената црква која е изградена и осветена во чест на Св. Николa.
Освен што, според народното верување, со негов благослов спасил дете со рибна коска заглавена во грлото, поради што го нарекуваме заштитник на децата, св. Никола направил и други чуда. Тој исто така се смета за светец-заштитник на морнарите затоа што еднаш го смирил разбрануваното море.
Приказните за Никола се проширија низ светот. Неговите добротворни цели се пример за тоа каков живот треба да живееме сите, особено кога станува збор за децата. Затоа што Свети Никола им беше посебен пријател.