
„Кинески Хаваи“, како што е наречена популарната островска дестинација Санија во Кина, стана карантин за 80.000 туристи, „заробени“ поради Ковид 19.

Околу 80.000 туристи се ставени под карантин во популарното одморалиште Санија на кинескиот тропски остров Хаинан. Властите воведоа мерки за заклучување за да се запре ширењето на вирусот Ковид 19.
Јавниот превоз е прекинат, а движењето на луѓето во градот е ограничено од вчераутро, соопштија властите, јави Си-Ен-Ен.
За да можат да го напуштат островот, туристите мора да останат во изолација седум дена и да поминат пет тестови за Ковид-19.
Заменик-градоначалникот Хе Шиганг во петокот рече дека околу 80.000 туристи останале во градот. Локалните власти соопштија дека мерките стапиле на сила вчера по 18 часот по локално време.
Ограничувањата дојдоа во екот на летната туристичка сезона за островската провинција. Ова е популарна дестинација која се нарекува Кинески Хаваи. Причина се песочните плажи, тропските шуми и хотелите со висока класа.
Според податоците на компанијата за следење летови „Варифлајт“, биле откажани повеќе од 80 отсто од летовите што поаѓаат од тоа кинеско одморалиште, како и сите возови, јавува Си-Ен-Ен, повикувајќи се на кинеската државна телевизија CTV.
Надлежните на прес-конференција ветија дека поради непријатностите што ги доживуваат туристите, ќе се потрудат да ги решат нивните проблеми. Ова вклучува и поедноставување на откажувањето на патните резервации и обезбедување високи попусти за престој во хотел.
Градот е поделен на зони со висок и среден ризик, мерките варираат во зависност од нивото на ризик, пренесува CNN.
Одморалиштето, наречено Кинески Хаваи се наоѓа во јужниот дел на островот Хаинан. 1 до 6 август се регистрирани 827 случаи, се вели во денешното соопштение на провинциските здравствени власти, пренесува CNN.