ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
03.12.2021
Која е разликата меѓу светските и македонските универзитети?
Автор: Goce Author

Автори на истражувањетo: Верица Милорадова и Ирена Жежова

Разлики во нашите и универзитетите во странство, секако дека постојат. Но, колку се длабоки и дали сме светлосни години назад од светот, прочитајте во нашето истражување.

Тргнувајќи од самиот упис и прием на факултетите, може да се констатира дека запишувањето на Универзитет, овде во Македонија, е далеку полесно од универзитетите во САД или Англија. За упис на „Harvard“, „Yale“ и другите реномирани универзитети во САД, познати како Ivy League, не важи само просечниот успех од средно образование, како кај нас, туку се бараат персонални препораки од средното училиште од кое доаѓа, листа на воншколски активности како и  учество во проекти и волонтирање, сè со цел да се видат лидерските, комуникациските и социјалните способности на кандидатот. Исто така, се бара полаѓање и на SAT тест кој ги оценува математичките познавања и познавањата на англискиот јазик во областа на изразување, читање и пишување. Подготовките за овој тест, на средношколците, може да се каже дека траат во текот на целото нивно школување. Нешто слично важи и кај британските „Cambrigde“ и „Oхford“, каде се пополнува UCAS апликација. Најважен дел од апликацијата на овие универзитети претставува интервјуто кое го спроведуваат со топ избраниците, каде финално го проценуваат ученикот дали припаѓа на нивниот Универзитет.

Photo by Danilo Rios on Unsplash

На нашите универзитети, ваквиот комплициран процес се чини како да е „премногу работа“, па така нашите средношколци полагаат само матурен испит за кој се подготвуваат само три месеци. Приемен испит може да се побара само на Ликовна или Музичка Академија, но во секој случај, не се земаат предвид останатите активности на ученикот, туку главниот фокус е само на постигнатиот успех од средно училиште. Можеби ваквите ниски критериуми се причина зошто речиси секој може да се запише на факултет во Македонија.


Прочитајте и: Знаете ли која е улогата на Факултетското студентско собрание?


Овде можеме да ги потенцираме и можностите кои ги нудат нашите универзитети. Правејќи компарација со претходно наведените универзитети, може да се забележи дека овде понудите и не се баш најдобри. На странските универзитети, студентите имаат одредени бесплатни денови за посета на музеи, галери и сл. На „Harvard“ и „Yale“, може да се сретнат и посебни музеи и галерии во склоп на Кампусот. Студентските организации пак, организираат бројни културни настани поврзани со домашните и интернационални студенти, со цел да се запознаат со културите на своите колеги. За жал, студентите во Македонија, немаат студентски попусти, ниту пак, го уживаат правото на одредни слободни денови за посета на музеи, галерии и сл.

Студентските организации кај нас не се многубројни, но оние кои ги има се трудат да организираат што повеќе настани во согласност со можностите. Во странство, беспрекорна е функцијата на ЕСН мрежата за Еразмус, но добро е тоа што во нашата земја штотуку се формираше ЕСН организацијата за интернационални студенти во Скопје, па на студентите им се даде можност да бидат  дел од културата и образованието надвор од својата држава.

Во последните години, стана тренд нашите студенти да одат на студии во Словенија. Таму партиципацијата е бесплатна, а во рестораните се даваат одредени купони за попуст доколку си студент. Исто така, низ светот, во престижните универзитети се нуди храна во менза или кафетерија со намалени цени прилагодени за буџетот на студентите. Студентите во Северна Македонија пак, од оваа година, го уживаат правото за бесплатен студентски оброк. Можеби со оваа реформа сме чекор поблиску до подобрување на квалитетот на студентскиот живот. Од друга страна пак, во странство, студентските домови имаат многу поквалитетни услови според потребите на студентите, за разлика од студентските домови во нашата земја, каде влагата и протекувањето се секојдневие.


Прочитајте и: (Видео) Илија Ивановски е првиот студентски правобранител на УГД


Во поглед на дигитализацијата, физичките индекси во странство се изоставени и сè фукционира електронски. Кај нас, сè уште постојат физички индекси, но сè повеќе се настојува користењето на електронските индекси и онлајн студентските платформи. Проблемот е што овие студентски платформи не се многу стабилни. Студентите во странство имаат и олеснета и ефективна комуникација од студентската служба. Кај нас, од студентската служба се чини дека се „глуви“, а за пристап до нив, ти требаат цел месец постојани обиди и кутија Дијазепам.

Дали се во прашање ниските критериуми за упис или пак нефинализираниот процес на развој на образованието и програмите на универзитетите, за сè повеќе студенти да мигрираат во странство, останува да процениме и видиме во текот на годините.

Професорка по имунологија одговара дали е возможно да имаме колективен имунитет без вакцинирање на децата?
Како стресот од испитната сесија влијае врз менталното здравје на студентите?