
Изјавата на Калид Салман, амбасадорот на Светското првенство во Катар, кој рече дека хомосексуалноста е „штета на умот“ е многу „опасна и неприфатлива“, според организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“.

Фото: YouTube
Во изјава за германската телевизија ZDF, Салман рече дека ЛГБТ луѓето кои доаѓаат на Светското првенство треба да ги „прифатат правилата“ кои важат во Катар.
Хомосексуалноста е нелегална во Катар бидејќи се смета за неморална според исламскиот шеријатски закон.
„Хомосексуалноста е харам. Знаете што значи харам (забрането)“, рече Салман.
Запрашан да објасни што е харам, тој додаде: „Јас не следам строги религиозни правила, но знаете зошто е харам? Затоа што му штети на умот“.
Интервјуто, кое е дел од документарниот филм емитуван во вторникот, потоа го прекина службеник кој го придружуваше Салман.
Раша Јунс, висок истражувач за ЛГБТ правата во Хјуман рајтс воч, рече дека изјавата на Салман е „штетна и неприфатлива“.
„Неуспехот на катарската влада да се избори со овие лажни информации има големо влијание врз животот на ЛГБТ лицата. Тоа се гледа во охрабрување на дискриминација и насилство врз нив. Влијанието оди до оправдување на нивната подложност на практиките на конверзија спонзорирана од државата“, вели таа.
Постои загриженост за тоа како ЛГБТ+ луѓето се третираат во Катар, каде истополовите врски се казниви со закон.
Организаторите на Светското првенство тврдат дека „секој е добредојден“ да ја посети земјава за да ги следи натпреварите. Тие потенцираат дека никој нема да биде дискриминиран.
Сепак, Насер ал-Катер, главниот извршен директор на Mundial, рече дека владата нема да ги менува законите за хомосексуалноста. Тој бара од посетителите да ја „почитуваат нивната култура“.
Државата од Персискиот залив, која ќе биде домаќин на Светското првенство од 20 ноември до 18 декември, е на удар на критики поради досиејата за човековите права и третманот на работниците мигранти.
ФИФА неодамна испрати писмо до сите национални асоцијации на земјите учеснички во кое се наведува дека од играчите се очекува „сега да се фокусираат на фудбалот, а не на контроверзите пред натпреварувањето“.
Писмото, потпишано од Џани Инфантино, претседателот на ФИФА, беше критикувано од Хјуман Рајтс Воч, Амнести Интернешнл и ЛГБТ+ активисти во Англија и Велс, додека десет европски фудбалски асоцијации објавија дека „човековите права се универзални и важат насекаде“.
Сепак, Конмебол, јужноамериканската фудбалска конфедерација, рече дека е „време да ја оставиме контроверзноста зад нас“.
ЛГБТ+ активистите и авторите на кампањата All Out ги повикаа челниците на ФИФА „да стават крај на тишината и лицемерието“ по коментарите на Салман.

Фото: YouTube
На протестот пред музејот на ФИФА во Цирих, портпаролот на All Out рече дека протестот е организиран поради сведочењата на ЛГБТ+ лицата во Катар. Тие сведочат за киднапирања, притворања без судење и тортура во последните неколку недели.
Но, претседателот Инфантино сè уште инсистира на тоа дека сите ќе бидат добредојдени на Светското првенство.
„Време е ФИФА да престане да замижува и да преземе одговорност. Да стави крај на својот молк и лицемерие. Време е човековите права да се стават пред алчноста. Светот гледа“, велат активистите.
Хјуман рајтс воч неодамна објави извештај во кој се тврди дека катарските безбедносни служби продолжуваат да апсат хомосексуалци, лезбејки и трансродови лица, понекогаш принудувајќи ги на терапија за конверзија.
Владата на Катар ги негираше овие наводи.
Роби де Сантос од добротворната организација Стоунвол рече дека човековите права „се игнорираат и не се почитуваат“.
Во интервју за Светскиот сервис на Би-Би-Си, тој рече дека е „изненадувачки и разочарувачки бидејќи катарските власти им дадоа гаранции на Обединетите нации и другите мултилатерални тела за почитување на човековите права за време на турнирот и преземање заложби за општествениот напредок и она што го гледаме ако тие обврски не се почитуваат.“ „.
„Затоа е толку важно сите да го следиме турнирот, бидејќи фудбалот игра за сите“, изјави Роби де Сантос.
BBC Sport ја контактираше ФИФА и организацискиот комитет на Светското првенство за коментар.