
Фудбалската репрезентација на Македонија со поразот од силната Португалија го заврши бараж циклусот за пласман на Светско првенство.
Со добра игра која покажа дека репрезентацијата не е случајно во баражот и дека има иднина, во натпревар кој го одлучија неколку грешки на нашите фудбалери, љубителите на фудбалот во Македонија дефинитивно треба да бидат задоволни. Оваа репрезентација покажа дека Македонија веќе не е аутсајдер во светскиот фудбал, сега останува нагорната линија да се одржува. Дека во светот на фудбалот ништо не е случајно, покажаа игрите на Македонија во последно време, па и самиот пласман во бараж за Светско првенство и настапите против Италија и Португалија. Само да потсетиме, на овој бараж во кој името на Македонија одекна силно во целиот свет, му претходеше победа над моќната Германија, најдобар пласман во кфалификациска група,историски настап на Европско првенство…
Инаку, по вчерашните натпревари познати се 27 од 32 учесници на Мундијалот во Катар, вечерва ќе дознаеме уште два, додека имињата на преостанатите тројца ќе ги добиеме по уште еден бараж.
Вчера на Светското првенство се пласираа Сенегал, Камерун, Гана, Мароко, Тунис, Португалија и Шведска.
Тие им се приклучија на Германија, Данска, Бразил, Белгија, Франција, Хрватска, Србија, Шпанија, Швајцарија, Англија, Холандија, Аргентина, Иран, Јужна Кореја, Саудиска Арабија, Јапонија, Еквадор, Уругвај, Канада и домаќинот Катар.
Вечерва од северноамериканските квалификации ќе ги добиеме имињата на уште две селекции кои ќе одат на Мундијалот, а тоа би требало да бидат САД и Мексико, иако и Костарика има теоретски шанси за пласман доколку ги победи Американците со шест гола разлика.

Преостанатите три екипи ќе ги добиеме преку три баражи. Во европскиот дел од баражот поради војната во Украина, последниот учесник ќе го добиеме во јуни. Велс во финалето го чека победникот од дуелот Шкотска – Украина.
Во интерконтиненталните баражи кои исто така се играат во јуни, Перу ќе игра против Обединетите Арапски Емирати или Австралија, додека Костарика најверојатно ќе игра против Соломонските Острови или Нов Зеланд.
Извлекувањето на групите на Светското првенство е закажано за в петок. Носители ќе бидат Катар, Аргентина, Белгија, Бразил, Англија, Франција, Португалија и Шпанија.