
Мајмуните во Бразил масовно се трујат од страна на населението, во страв дека тие ги пренесуваат мајмунските сипаници.
Бразилците почнаа да ги трујат мајмуните од страв дека тие се одговорни за растечката епидемија на мајмунски сипаници. Локалните извештаи од неделата велат дека 10 мајмуни биле отруени за помалку од една недела во градот Сао Хозе до Рио Прето. Слични инциденти биле пријавени и во други градови, надвор од државата Сао Паоло
„Луѓето треба да знаат дека преносот на вирусот на кој сме сведоци сега се одвива меѓу луѓето“, изјави Маргарет Харис, портпаролка на Светската здравствена организација, на прес-конференција во Женева, пишува Дејли мејл.
Бразил има повеќе од 1.700 случаи на мајмунски сипаници, според СЗО. Министерството за здравство на земјата потврди еден смртен случај поврзан со болеста на 29 јули.
Мајмунската сипаница може да се пренесе од животните на луѓето, но неодамнешната епидемија е поврзана само со човечки контакт, вели Маргарет Харис.
„Луѓето секако не треба да напаѓаат животни“, рече таа. Таа потоа додаде: „Преносот на болеста на која сме сведоци сега е пренос од човек на човек“.
Таа нагласи дека треба да се грижиме како да се заштитиме од вирусот. Најдобриот начин за борба против вирусот е „доколку луѓето забележат симптоми, да одат по помош и медицинска нега. Исто така, да преземат мерки на претпазливост за да го спречат неговото пренесување“.
„Подигањето на свеста кај ризичните групи е клучно“, рече таа.
Вирусот се шири преку близок контакт, а најголем број случаи се регистрирани кај мажи кои имаат секс со мажи.
СЗО ги повика луѓето да не ги стигматизираат луѓето кои се заразени.
„Секое стигматизирање на кое било заразено лице ќе го зголеми преносот, бидејќи ако луѓето се плашат да се идентификуваат како заразени, тогаш нема да добијат соодветна грижа и нема да преземаат мерки на претпазливост“, рече Маргарет Харис, пренесе Гардијан.
„Затоа, не стигматизирајте ниедно животно или човек, бидејќи ако го сторите тоа, ќе имаме многу поголема епидемија“.