ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
09.10.2024
Менталното здравје и студентскиот живот – соочување со предизвиците

“Во современиот свет, менталното здравје на младите е тема која сè повеќе добива на значење. Според Светската здравствена организација, една од седум млади личности, на возраст од 10 до 19 години, има ментално растројство. Овој алармантен податок покажува колку е важно да се разберат предизвиците со кои се соочуваат младите, особено студентите, и да се најдат начини за подобрување на нивната психолошка благосостојба.”-објаснува со факти професор доктор Ленче Милошева.

Во пресрет на меѓународниот ден на менталното здравје, разговараме со проф.д-р. Ленче Милошева, професор од Медицинскиот Факултет при УГД, која несомнено и несебично се залага за менталното здравје на младите и важноста на психотерапијата во текот на студентскиот живот.

„Студентскиот живот е време кога младите се одвојуваат од семејството, доаѓаат во нова средина и треба да воспостават нови интеракции. Овој развоен период е преполн со предизвици, како што се притисоците од академската средина и општественото опкружување,“ вели професорката.

Менталното здравје и притисоците на студентскиот живот

Младите луѓе, особено студентите, често се соочуваат со значителен стрес и притисок: „Стресот, притисокот за постигнување на просек и исполнување на рокови, обврски на факултет, социјална интеракција и прилагодување на новата средина, социјалните мрежи и нивното штетно влијание, се само некои од факторите кои може да влијаат на менталното здравје на студентите. Депресивност, осаменост и изолираност, емоционални потешкотии, дистрес, анксиозност, фобии, нарушувања во исхраната, психосоматски потешкотии, трауматски искуства, намалени когнитивни перфоманси, се само некои од индикаторите за дисфункционалност и потреба да се побара помош.“-објаснува професор Милошева.

 

Проф.д-р. Ленче Милошева, Факултет за Медицински науки, клинички психолог|РЕБТ & КБТ психотерапевт

 

Работење на себе: Чекор кон подобро ментално здравје

Грижата за себе, како што посочува професорката Милошева, не значи само физичка грижа, туку и грижа за менталното здравје:
„Откако ќе се исцрпат ресурсите за поддршка во кругот на семејството и пријателите, тргнување на психотерапија значи соочување со животните предизвици со храброст. Тоа е чин на љубов кон себе,“-вели таа.

„Треба да се сруши стигмата дека психотерапијата е само за лица дијагностицирани со ментални растројства, таа е многу повеќе од поставување дијагноза. Стигма е дека на психотерапија и психолошкото советување одат само личности со ментални растројства. Најранливите личности се всушност најсилните, тие од својата вулнерабилност ја црпат силата за доблестите. Сите ние имаме проблеми, но многу е важно што правиме со нив, односно како се справуваме. Од моето искуство во процесот на психотерапијата сè повеќе се вклучуваат и ментално здрави личности, кои имаат психо-социјални проблеми или едноставно сакаат подобро да се запознаат себе си, да се адаптираат во опкружувањето и да го подобрат квалитетот на своето живеење.“ нагласува професорката.

Психотерапијата резултира со подобро разбирање на себе си

“Младите доаѓаат по препорака од психијатар или на своја иницијатива, самостојно, зависно од проблемот и состојбата во која се наоѓаат. Најчесто, тогаш кога ќе видат дека нивниот начин на размислување, нивната психолошка динамика (вредности, уверувања, доживувања) не одат „рака под рака“ со секојдневието, не се функционални, немаат енергија да се изборат со тој животен период и предизвиците во него и тоа води кон лично патење и болка, кога им треба поддршка и „продолжена стручна професионална рака“ за да пребродат некоја животна потешкотија”-разјаснува професорката.

Когнитивно бихејвиоралната терапија еден од најефикасните начини за справување со потешкотиите во животот

“За Когнитивно бихејвиоралната терапија (КБТ) можам да кажам дека во текот на терапискиот процес, кој се одвива по строго одреден протокол, се користат многубројни когнитивни, емотивни и бихејвиорални методи, техники и активности со голема посветеност и ангажман од страна на клиентот во сеансите и помеѓу сеансите, што значајно ја зголемува ефикасноста на овие методи. Крајната цел на терапијата е  усвоените адаптивни обрасци на мислење да резултираат со видливи и стабилни промени во емоционалното реагирање и однесување на личноста.”-образложува професорката Милошева.

Како стресот од испитната сесија влијае врз менталното здравје на студентите?

Превенција преку едукација

“Менталното здравје на студентите е комплексна област која бара холистички пристап. Низ интеграција на самопомош, дестигматизација, развој на прилагодливост и пружање на професионална психолошка поддршка, универзитетите можат активно да придонесат во зачувување на менталното здравје и благосостојба на младите луѓе во текот на нивното студирање. Потребен е системски пристап и решенија од сите фактори во општеството, кои ќе понудат можности за креирање на стратегии за обезбедување на безбедна, здрава и поддржувачка академска средина која ќе го штити менталното здравје и благосостојбата на младите-студентите. Освестувањето на овие аспекти и работата на нивното унапредување се клучни чекори кон создавање на здрави и подржжувачки академски заедници.”-смета професорката Милошева.

Здравствени политики за сите
Институционалното насилство врз трансродовите лица сериозен проблем