ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
27.11.2026
Млади од Штип пронашле начин од лушпи од портокал да направат ќеса

Гимназијата „Славчо Стојменски“ – Штип претставувана од тимот BioVa се избори во полуфиналето за Средношколски милионер и го претстави својот готов производ биоразградливи ќеси, со чијашто употреба ќе се овозможи заштита на животната средина кој претставува еден од најголемите проблеми во денешницата.

Целиот тим

„Идејата за BioVa потекна од проблем што секојдневно го гледаме околу нас, односно пластичните ќеси за кои ретко размислуваме што се случува со нив откако ќе ги фрлиме. Сфативме дека не е доволно само да зборуваме за проблемот, туку треба да се обидеме да понудиме и решение. Така со низа истражувања успеавме да создадеме биоразградлив материјал и да покажеме дека и ние, како средношколци, можеме да направиме нешто конкретно за нашата животна средина.“, вели Лила Ефремова, дел од BioVa тимот.

Процесот на изработка на биопластика од природни состојки и отпадни органски ресурси е долготраен, но крајната цел е да се пронајде еколошко решение за намалување на конвенционалната пластика.

„Процесот започнува со внимателно одбирање и комбинирање на природни состојки, како желатин, глицерин и лушпи од портокал. Потоа ја подготвуваме смесата, ја обликуваме и оставаме да се исуши за да го добиеме нашиот биопластичен материјал, од кој изработуваме ќеси. Најголемиот предизвик беше да ја пронајдеме вистинската формула. Не беше доволно материјалот само да биде биоразградлив, сакавме да биде и функционален, издржлив и практичен. Имавме многу обиди, неуспешни примероци и моменти кога моравме да започнеме одново, но токму тоа нè научи дека иновацијата бара трпение и верба во идејата.“, вели Ефремова.

Нешто што за мнозинството во општетството претставува отпаден материјал, како лушпи од портокал, за овие млади иноватори е основа над која се базира целиот производ.

„Она што го прави нашиот проект посебен е тоа што користиме природни состојки како лушпи од портокал, кои често се сметаат за отпад. На тој начин, се обидуваме да му дадеме нова вредност на нешто што инаку би било фрлено. Овој биоразградлив материјал не остава никакви токсични материи при разградба во природата. Нашата цел не е само да создадеме производ, туку да поттикнеме промена во начинот на кој размислуваме за отпадот и за материјалите што ги користиме секој ден.“, вели Теа Стојановска, дел од тимот на BioVa.

Иако постојано се зборува за проблемот со загадувањето на животната средина, малкумина се осудуваат да преземаат радикални мерки со кои ќе придонесат надминување на овој проблем во нивното општество.

„Можеби токму тоа беше една од причините поради кои решивме да започнеме со Biova. Не сакавме да бидеме само уште една група млади луѓе кои ќе зборуваат за тоа колку е загадена животната средина, а притоа нема да преземат ништо. Свесни сме дека не можеме преку ноќ да ги промениме навиките на целото општество, но веруваме дека промената мора да започне од некого. Не сакаме да ги осудуваме луѓето, туку да им покажеме дека постојат подобри алтернативи и дека секој од нас има одговорност. За нас, Biova не е само производ, туку начин да покажеме дека возраста не е пречка за создавање нешто иновативно и вреднo.“, вели Стојановска.

Постоењето на свеста за потребата од биоодржливоста не е доволна, за да се направат промени во средината, таа треба да биде поткрепена со активности и поддршка на младите и нивно партиципатирање во процесот на кревање на свеста за загадувањето и одржливиот развој.

„Искрено, сметаме дека свеста постои, но сè уште не е доволно преточена во дела. Многумина знаат дека пластиката и загадувањето се сериозен проблем, но секојдневните навики честопати не го одразуваат тоа. Мислиме дека промената треба да започне уште од образованието, преку повеќе еколошки проекти, практични активности во училиштата и вклучување на младите во решавањето на локалните проблеми. На национално ниво потребна и поголема поддршка за одржливи иновации како нашата. Не можеме да очекуваме почиста животна средина ако само зборуваме за проблемот, а не создаваме услови и навики за негово решавање.“, вели Видан Тасев.

Нема ништо за младите? Оваа екипа си направи авантура на која може да се приклучи секој
Волонтерството е незаменливо искуство, а не работа за пари