
Иако сè повеќе држави ги вклучуваат младите во јавни консултации за образованието, нивниот глас ретко има вистинско влијание врз конечните одлуки. Ова го покажува најновиот извештај „Lead with Youth“, објавен од UNESCO во партнерство со Канцеларијата на ОН за млади.

Истражувањето покажува дека само една од три земји има формални механизми преку кои младите учествуваат во креирањето на образовните политики. Иако во многу држави постојат јавни расправи и консултации, голем дел од младинските организации сметаат дека нивните предлози не се земаат предвид при донесувањето на одлуките.
Дали реформите во образованието навистина можат да ги задржат младите дома?
Во извештајот се нагласува дека младите треба да бидат вклучени не само во фазата на консултации, туку и во подготовката, спроведувањето и следењето на образовните реформи. UNESCO препорачува државите законски да обезбедат учество на младите во процесите на одлучување и да обезбедат поголема институционална и финансиска поддршка за младинските организации.
Експертите предупредуваат дека без активно учество на младите, образовните системи потешко ќе одговорат на предизвиците на дигиталната трансформација, пазарот на трудот и развојот на новите технологии. Извештајот е прв глобален обид да се измери степенот на младинско учество во носењето образовни политики.