
Јас сум Даница, а ова е мојот став:
Не знам дали конечно ви помина првичниот шок или сè уште летаргично седите во сопственото неверување, но вистината е соголена: како општество веќе не тонеме, туку одамна го допревме етичкото дно и сега копаме под него.
Изминатава недела јавноста вресна пред сопствениот одраз во екранот: нови видеа од врсничко насилство, нови сцени каде што малолетници со ладнокрвност на филмски убијци тепаат и понижуваат друго дете. Во таа морничава дигитална математика, дојдовме до дереџе каде што едно детско достоинство вреди помалку од еден обичен, евтин лајк на Тик-ток.

И немојте да ми продавате евтини приказни дека се работи за некаков „изолиран случај“ на неколку невоспитани дечиња. Насилството кај нас веќе стана секојдневие. За петнаесет насилни деца да бидат „изолирани“, тие треба да бидат во посебна установа за набљудување, а не слободно да шетаат по нашите улици, да ни се смеат во лице и да се пресметуваат во училишните дворови додека некој отстрана мирно си кадрира со телефонот.
Ајде малку да погледнеме од блиску, иако знам дека вистината ви ги боде очите. По социјалните мрежи кружи еден очаен, но сурово точен крик: се молат возрасните, или поточно оние биолошки и ментално неспособните, да не се размножуваат.
И тоа е единствената логична молба во овој духовен вакуум. Овие деца не паднаа од Марс, тие излегоа од вашите куќи. Излегоа од домови каде што родителството е заменето со екран, каде што на тригодишно дете му се пика телефон во рака за да „молчи“, па после се чудиме зошто на петнаесет години истото тоа дете молчи и снима додека неговиот другар крвари под тупаниците на насилникот. Го заменивме воспитувањето со технологија, а емпатијата ја прогласивме за слабост.
Изградивме свет во кој ако си добар и тивок си „лузер“, а ако газиш по луѓе и снимаш за прегледи, ти си социјален победник.
Најстрашниот елемент во оваа равенка на злото не е самиот насилник, туку снимателот. Тој веќе не е човечко битие, тој е Homo Technologicus. За него, туѓата болка не е реалност која бара помош, туку „содржина“ која бара публика. Тој не сочувствува, тој режира. Денешниот млад човек ја изгуби способноста да биде присутен во туѓото страдање со подадена рака, тој е присутен само со вклучена камера.
Ние ги научивме на математика на профитот и дигиталниот успех, а ги одвикнавме од граматиката на чистата човечност.
И за крај, колумнава не е за да им држиме класични, досадни морални предавања на тинејџерите. Ова за жал кај нас е дијагноза, но “лекот” е едноставен: ако не знаеш како да воспиташ човек, не создавај монструм.
Спасот на ова општество нема да дојде со нови закони, полициски извештаи и институционални соопштенија. Спасот ќе започне дури тогаш кога во оваа земја повторно ќе се врати една подзаборавена, прастара категорија: срамот. Дури кога ќе нè фати срам од сопствениот молк и сопствената суровост, дури тогаш можеби ќе ги спуштиме телефоните и ќе почнеме повторно да стануваме луѓе, пред целосно да биде доцна.