ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.08.2026
Најдобрите градови за студирање во 2027: Некои нудат и бесплатни додипломски студии
Автор: Goce Author

Европа и понатаму останува една од најатрактивните дестинации за студирање, покажува најновото рангирање на компанијата QS (Quacquarelli Symonds), специјализирана за анализа на високото образование. Иако светската листа ја предводат Сеул, Токио и Лондон, Минхен е прогласен за најдобар европски град за студенти, а дури пет европски градови се најдоа меѓу десетте најдобри во светот.

Рангирањето е изработено врз основа на 23 критериуми поделени во шест категории, меѓу кои се квалитетот на живот, безбедноста, загаденоста на воздухот, трошоците за живот и школарините, можностите за вработување по дипломирањето, бројот на меѓународни студенти и задоволството на студентите.

Топ 10 студентски градови во светот за 2027 година

  1. Сеул
  2. Токио
  3. Лондон
  4. Мелбурн
  5. Минхен
  6. Сиднеј
  7. Париз
  8. Берлин
  9. Виена
  10. Цирих

Минхен – најдобрата европска студентска дестинација

Минхен се издвојува по високиот квалитет на живот, добрите можности за вработување, развиениот јавен превоз и богатиот студентски и ноќен живот. Градот привлекува повеќе од 17.000 странски студенти годишно, а околу една четвртина од студентската популација доаѓа од други земји.

Иако трошоците за живот се повисоки отколку во некои други германски градови, тие се сметаат за оправдани поради високите стандарди на живеење, модерната инфраструктура и близината до Алпите, езерата и природните резервати. Минхен е познат и како домаќин на Октоберфест – најголемиот фестивал на пивото во светот.

Photo by ian kelsall on Unsplash

Бесплатни студии во Германија

Една од најголемите предности за идните студенти е тоа што на повеќето државни универзитети во Германија не се наплаќа школарина за додипломски студии, без разлика на државјанството на студентите. Ова ги прави германските универзитети особено привлечни за младите од целиот свет.

Виена меѓу најдобрите

Австриската престолнина Виена повторно се најде во светскиот топ 10 благодарение на високиот квалитет на живот, големиот број меѓународни студенти и позитивните оценки добиени во студентските анкети. Дополнителна предност се ниските, а во одредени случаи и непостоечките школарини на јавните универзитети.

Државните универзитети ги објавија конкурсите за упис – Сè што треба да знаете на едно место!

Париз и Берлин остануваат силен избор

Париз продолжува да биде една од најпосакуваните студентски дестинации поради престижните универзитети и одличните можности за кариера. Иако животот во француската престолнина е релативно скап, школарините за меѓународни студенти се значително пониски од оние во многу други светски центри.

Берлин, пак, е препознаен како еден од најпристапните европски градови за студирање. Околу 20 проценти од студентите се странци, а бесплатните додипломски студии на државните универзитети, заедно со добрите можности за вработување во меѓународни компании, го прават германскиот главен град особено привлечен за младите.

Иако неколку европски градови, како Лион, Грац и Монпелје, бележат пад на листата во однос на минатата година, Европа и натаму останува еден од најсилните светски центри за високо образование, нудејќи комбинација од квалитетни универзитети, добри услови за живот и сè поголеми можности за меѓународна кариера.

Регионалната летна школа ги сплоти младите правници од Западен Балкан
Sleep streaming – легитимна професија на социјалните мрежи?