ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
04.05.2026
(Не)среќа што Гоце Делчев не живее во ова време

Темата за тоа дали е среќа или несреќа што Гоце Делчев не живее денес е прилично незгодно прашање што нè засега нас самите, бидејќи, ако сме искрени, многу полесно е да се восхитуваш на некого од дистанца, отколку навистина да се соочиш со него и со она што го претставува во реалноста.

Од една страна, можеби навистина е добро што Гоце не е дел од денешното време, во кое постои една чудна и упорна навика сериозните идеи да се претвораат во нешто употребливо, било за расправии, за собирање поени или за краткорочни победи што брзо се забораваат.

     Во таква атмосфера, во која сè лесно се поедноставува и искривува, речиси е невозможно некој (особено некој како Гоце) да остане тоа што е, без притоа да биде искористен, погрешно претставен или сведен на празна парола. Токму затоа, како историска личност, Делчев има една необична предност: никој не може целосно да го „расипе“, бидејќи иако секој може да си земе дел од него, целината останува недопирлива.

Од една страна, можеби навистина е добро што Гоце не е дел од денешното време

Од друга страна, токму затоа што го нема, се чувствува недостаток на нешто суштинско, нешто што не може лесно да се замени. Денес има многу зборување за вредности, но значително помалку луѓе кои навистина стојат зад нив тогаш кога ситуацијата станува непријатна и бара лична одговорност.

   Убаво е да се повикуваш на вредности кога никој не те прашува што конкретно правиш со нив, и уште поубаво е да се зборува за слобода, правда и заедништво сè додека тие остануваат на ниво на зборови, без да бараат нешто вистинско и конкретно од тебе.

Портретот на Гоце Делчев во Универзитетот во Штип

Во таков контекст, Гоце Делчев би претставувал своевидна мерка и пример дека не е доволно да се кажува, туку дека е неопходно и да се делува, што, ако сме искрени, не е делот во кој сме најдобри.

Затоа, можеби и не е толку важно дали е среќа или несреќа што Гоце не живее денес, колку што е важно да се запрашаме зошто неговото отсуство ни е, всушност, удобно, бидејќи додека го славиме како идеја, не сме приморани навистина да се соочиме со значењето на таа идеја и со она што таа го бара од нас.

А токму тоа избегнување, колку и да изгледа незабележливо, кажува многу повеќе за нас отколку за него.

Македонскиот јазик: да се „озакони“ за да знаеме дека постои?
Младите, интернетот и јазикот – каде оди писменоста?