
Италијанскиот град Венеција најверојатно ќе воведе влезница од 5 евра за туристите. Тоа е тест-период насочен кон контрола на туризмот.
Сите посетители на возраст над 14 години ќе треба да платат за дневен престој, но мора и однапред да резервираат влез во градот. Членот на градскиот совет за туризам, Симоне Вентурини, рече дека тест-периодот ќе трае за време на туристичкиот врв следната година.

Photo by Rebe Adelaida on Unsplash
„Венеција е меѓу најпосетуваните градови во Европа и многу страда поради прекумерниот туризам“, рече тој.
Површината на градот е само 7,6 квадратни километри, но во 2019 година го посетиле 13 милиони туристи. Бројот на туристи се очекува да ги надмине бројките во наредните години.
„Целта е туристите да не избираат денови на шпиц. Сакаме да го тестираме овој систем и да го подобриме доколку е потребно“, додаде Вентурини.
УНЕСКО претходно оваа година објави дека градот треба да биде додаден на листата на загрозено светско наследство, бидејќи влијанието на климатските промени и масовниот туризам се закануваат да предизвикаат неповратни промени во Венеција.