

Фото: South China Morning Post
Здравствен безбедносен „балон“ против коронавирусот е поставен околу местото на одржување на Зимските олимписки игри во Пекинг, еден месец пред почетокот на Игрите.
Кина, каде што избувна епидемијата на коронавирус на крајот на 2019 година, во голема мера ја искорени болеста со примена на многу строги мерки за следење и сузбивање на вирусот и вакцинирање.
Таа земја практично ги затвори своите граници во март 2020 година, а меѓународните летови беа драстично намалени.
Со цел да се пречекаат околу 3.000 спортисти и членови на нивните тимови, организаторите поставија здравствен безбедносен балон пред пристигнувањето на првите учесници, со цел да се избегне каков било контакт меѓу луѓето од странство и локалното население.
Бариерите ги држат минувачите на безбедно растојание од објектите планирани за Игрите, како што е Олимпискиот стадион каде што ќе се одржи свеченото отворање на 4 февруари.
„Ќе воведеме многу строги здравствени мерки во внатрешноста на безбедносниот балон, вклучително и дневни тестови за корона вирусот, за да се осигураме дека случаите на инфекција ќе се откриваат брзо“, рече Жао Веидонг, член на Организацискиот комитет.
Сите странски натпреварувачи мора да бидат вакцинирани, а останатите да бидат во карантин три недели.
„Силно ја препорачуваме третата доза. Внимателно ја следиме новата варијанта на омикрон и нејзиното глобално влијание“, рече Жао Веидонг, додавајќи дека е во постојана комуникација со Меѓународниот олимписки комитет.
Кинеските спортисти и персоналот во балонот, волонтери, возачи, готвачи, нема да го напуштат балонот се до крајот и на Параолимписките игри, кои ќе се одржат од 4 до 13 март, а ќе бидат и во карантин.
На натпреварите од Зимските Олимписки Игри ќе можат да присуствуваат само жителите на Кина.