Министерството за образование и наука информира дека до 31 јануари повторно може да се аплицира за субвенциониран студентски оброк. Можноста ја имаат сите оние кои ги исполнуваат условите, но до сега од разни причини не аплицирале или не ја добиле. Оваа можност е достапна секој месец и тоа од 20ти до 30ти, односно 31-ви во месецот.
Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк се спроведува електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ со прикачување на два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
Субвенционираниот студентски оброк е решение преку кое студентите добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината. Овие средства се наменети за купување здрави оброци. Право на ова имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ. Сите кои ќе добијат треба да не се во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.
Досега, правото на субвенциониран студентски оброк го остварија над 27 илјади студенти на кои редовно им се префрлаат средства на личните трансакциски сметки.













