ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
17.07.2026
Регионалната летна школа ги сплоти младите правници од Западен Балкан

 Секоја година во Требиње, Босна и Херцеговина се одржува Регионална летна школа за човекови права на која активно учество земаат студентите од Правните факултети од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Албанија и Црна Гора.

Овогодишната тема на летната школа беше поврзана со дигиталното и сексуалното насилство над жените. Во период од една недела студентите заедно со стручњаци од правната област ги обработуваат правните механизми, позитивните обврски на државите и анализираат случаи пред Европскиот суд за човекови права.  

      „Регионалната летна школа за човекови права се одржува повеќе од една деценија, кадешто секоја година се обработува различна тема зададена од Советот на Европа, но секогаш се избира тема која е комплексна, актуелна и која бара идните млади правници да бидат подготвени во однос на знаењето, вештините и ставовите да можат да се справат со комплексните теми во својата идна кариера.

Темите се обработуваат низ различни концепти на работа со учесниците, преку интерактивни предавања, практични вежби на кои се обработуваат случаи пред Европскиот суд за човекови права, до последната активност која вклучува симулационо судење на хипотетички случај пред Европскиот суд за човекови права“, вели проф. д-р Џенана Радончиќ од  Правниот факултет при Универзитет во Зеница, БиХ. 

 

 

Проф.д-р Џенана Радончиќ

  Регионалната школа во Требиње со фокус на човековите права

Преку предавањата и интерактивните дискусии, студентите имаат можност подобро да се запознаат со влијанието на технологијата во предизвикувањето, но воедно и во спречувањето на насилството над жените. Постоењето на современите дигитални алатки може да придонесат за навремено откривање на ризиците, полесно пријавување на насилството и поддршка на жртвите. 

DIGIRIGHTS ги сплотува младите правници ширум Балканот

      „Технологијата сама по себе е неутрална, таа зависи како ја користиме и за која цел. Иако може да се користи за предизвикување на ваков вид на насилство или како средство преку кое ќе се интензивира или ќе се зголеми ваквиот вид на насилство, сепак може да се користи како превенција, но и како реакција за пријавените случаи на насилство.

    Во тој правец се движат и инструментите на Советот на Европа кои се поврзани со технолошко подпомогнатото насилство, на начин да се потенцира и улогата на интернет посредниците, да се зајакне нивната корпоративна одговорност и да се воспостават механизми и самите платформи кои овозможуваат испраќање на пораки, користење на различни услуги, да овозможат да се реагира брзо, да се споделат релевантни податоци со цел да се овозможи пристап до докази на брз и едноставен начин“, вели проф. д-р Мидхат Измирлија од Правниот факултет при Универзитет во Сараево, БиХ. 

Проф.д-р Мидхат Измирлија

     Околу 30-тина студенти од Западен Балкан земаа активно учество на оваа летна школа. Она по што летната школа во Требиње е уникатна е претставено низ начинот на работа,  искуството кое се стекнува, вклучително и поврзаноста и дружењето со  колеги од регионот кои се заинтересирани за човековите права. Регионалната летна школа низ своето постоење потврдува дека постојат квалитетни студенти по право низ Балканот.  

Sleep streaming – легитимна професија на социјалните мрежи?
Каде во Европа младите навистина имаат пари, а каде живеат под кирија и кај родителите?