
Владата на Руската Федерација одобри список на земји кои се дефинирани како „непријателски“ кон оваа земја поради воведувањето санкции против Москва. Меѓу овие држави Русија ја вклучи и Македонија

Фото: Tass
Кабинетот на министри ја донесе оваа одлука по указот на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, кој беше донесен на 5 март, според кој руските граѓани и компании кои имаат девизни обврски кон странските доверители од листата на непријателски земји можат да платат нивните обврски во рубли.
Државите кои Руската Федерација ги дефинира како непријателски се:
Австралија, Албанија, Обединето Кралство, земјите од Европската Унија, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореа, Сан Марино, Сингапур, Соединетите Американски Држави, Тајван, Микронезија, Украина, Црна Гора, Северна Македонија, Швајцарија, Јапонија
Премиерот на Русија, Михаил Мишустин, потпиша резолуција со која се утврдуваат правилата за трансакции со странски компании во режимот на санкции.
„Сите трансакции и деловни активности на руските компании со граѓани и компании од земји непријателски настроени кон Русија ќе бидат одобрени од владината комисија за контрола на странските инвестиции“, се наведува.
Според информациите од руската влада, главната цел на оваа мерка е да се обезбеди финансиска стабилност на државата во услови на наметнати надворешни санкции.
Да потсетиме, по почетокот на руската инвазија на Украина, земјите од Европската унија, но и САД воведоа санкции кон Руската Федерација. Меѓу другото, многу руски банки се исклучени од системот SWIFT, а на авиокомпаниите од Русија им е забранет влез на територијата на Европската унија.
Инаку, Владимир Путин вчера и нареди на владата да состави список на земји кои воведоа санкции кон неговата земја, а многумина претпоставуваат дека токму врз основа на овој список Русија ќе донесе низа контрамерки против западните земји.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави за новинарите дека Западот е ангажиран во економски грабеж против Русија и дека Москва ќе одговори на тоа.
Колумна на британската амбасадорка во Македонија за Руската инвазија на Украина
Претходно Путин изјави дека западните санкции против Русија личат на објава на војна, а ја бранеше и руската инвазија на Украина, велејќи дека Москва треба да ги брани оние што зборуваат руски во источна Украина, како и нејзините интереси.
Во текот на изминатата недела, западните земји ги засилија санкциите против Русија како одговор на нејзината инвазија на Украина. Овие мерки се најстроги од оние наметнати на Иран во 2010 година и на Северна Кореја во 2013 година.