ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
26.03.2026
Сè повеќе студенти избираат сезонска работа во странство

Во услови на растечки трошоци за живот и ограничени можности на домашниот пазар на труд, сè поголем број млади луѓе од Македонија ги користат летните месеци за сезонска работа во европските туристички центри. Овој тренд станува особено изразен меѓу студентите, кои во ваквиот ангажман гледаат шанса за финансиска стабилност, но и за стекнување практични вештини и животно искуство.

Стефани Димитриеска

Една од нив е Стефани Димитриеска, студентка на Медицинскиот факултет при УКИМ, на смерот инженер по медицинско-лабораториска дијагностика.
Веќе три години по ред, таа заминува во Задар, Хрватска, каде што работи како помошник готвач за време на летната туристичка сезона.

„Прво заминав со идеја да заработам, искрено,“ вели Стефани. „Но брзо сфатив дека ова искуство ми дава многу повеќе од пари.“

Сезонска работа во странство – избор на многу студенти

Работата во кујна, како што објаснува таа, не е ни блиску до романтичната слика што често се прикажува.

„Јас лично работам само втора смена бидејќи во локалот сум веќе три години и го заменувам шефот кој работи во прва смена, но, сепак смените за повеќето сезонски работници знаат да бидат доста тешки и напорни во зависност на која позиција работиш. Темпото е постојано брзо, а притисокот е голем. Нема многу паузи, нема многу простор за грешки,“ додава таа. „Но токму таму учиш како да издржиш и да функционираш кога е најтешко.“

Студентско вработување: Дополнителен џепарлак или потреба

Сепак, кај Стефани постои и нешто што ја издвојува, а тоа е искрена љубов кон готвењето.

„Отсекогаш сум сакала да готвам. Тоа ми доаѓа природно,“ вели таа. „И покрај целиот стрес, има моменти кога навистина уживам, кога ќе видам дека сум направила нешто добро, дека гостите се задоволни. Тоа чувство вреди.“

Photo by: Hablando garden & grill

За разлика од многу студенти кои заминуваат исклучиво од финансиски причини, кај неа ова искуство е и личен предизвик.

„Ова не е лесен начин да заработиш. Напротив,“ нагласува таа. „Но те прави поорганизиран, поодговорен и посамостоен. Те учи како да се снаоѓаш во реални услови, не само во предавална.“

Секој млад човек треба да има такво искуство

Овој феномен не е изолиран. Сè повеќе студенти од земјава избираат да работат во земји како Хрватска, Словенија, Германија и Грција, каде што побарувачката за сезонски работници е голема. Причините се повеќеслојни, од повисоки приходи, до можност за стекнување меѓународно искуство и развивање независност.

Photo by: Hablando garden & grill

„Мислам дека секој млад човек треба барем еднаш да помине низ вакво искуство,“ вели таа. „Те учи на живот, како да се справуваш со луѓе, со притисок и со одговорността. Те прави посилен.“

Според неа, сезонската работа не ја оттурнува од нејзината професионална насока, туку напротив, ја надополнува.

„И во медицината и во кујната треба дисциплина, прецизност и одговорност. Само што во едниот случај работиш со пациенти, а во другиот со луѓе кои сакаат да уживаат. Но пристапот мора да биде сериозен во двата случаи,“ додава Стефани.

Дали „варeње кафе“ е главна активност на студентската пракса во Македонија?

Приказни како нејзината стануваат сè почести, отворајќи прашања за тоа како да се задржат младите и како нивната амбиција и работна етика да се искористат и во домашниот контекст.

„Секоја сезона ме менува,“ заклучува таа. „Се враќам дома поискусна, посамоуверена и со чувство дека сум направила нешто за себе.“

И додека младите учат, работат и се градат низ европските туристички центри, останува отворено прашањето: дали државата ќе најде начин таа енергија, труд и амбиција да ги задржи дома или летото ќе продолжи да биде билет во еден правец за илјадници студенти.

Три типа матура ќе полагаат средношколците годинава
Бројот на ученици и понатаму се намалува