

Ждрепката за осминафиналето во Лигата на шампионите ќе се повтори бидејќи не била испочитувана потребната процедура. Во два наврати грубо беа прекршени правилата при извлекувањето на топките. По жалбите на Атлетико и Виљареал, УЕФА ја призна грешката и официјално потврди дека ждрепката ќе се повтори во 15 часот.
Да потсетиме на паровите кои беа извлечени по грешка, а кои подоцна беа поништени.
Бенфика – Реал Мадрид
Виљареал – Манчестер Сити
Атлетико Мадрид – Баерн Минхен
Ред Бул Салцбург – Ливерпул
Интер – Ајакс
Спортинг Лисабон – Јувентус
ПСЖ – Манчестер Јунајтед
Лил – Челзи
Кога беше извлечен Виљареал, според правилата, можеше да оди кај шест потенцијални ривали бидејќи не можеше да оди во Манчестер Јунајтед со кој веќе беше во групата и Реал Мадрид кој е од истата земја. Но наместо шест топчиња, во „шеширот“ на потенцијалните ривали на Виљареал имаше седум и прв беше извлечен Манчестер Јунајтед! Значи, тим кој воопшто не смеел да биде таму.
Лицето на Андреј Аршавин кога ги извлекуваше топките кажуваше дека нешто не е во ред, но Џорџо Маркети од УЕФА, кој е задолжен за сите ждрепки, се правеше дека ништо не се случило и продолжи да влече, па Жолтата подморница го извлече Манчестер Сити.

Проблемот стана уште поголем подоцна кога Атлетико Мадрид требаше да го повлече ривалот. Потенцијални противници на Атлетико не можеа да бидат Реал и Ливерпул и мораше се извадат топчињата од шеширот. Но повторно беше направена грешка и беа отстранети топчињата со имињата на Реал и Манчестер Јунајтед. Ливерпул остана во шеширот како потенцијален противник, што не требаше да се случи, а на Атлетико му беше одземена можноста да го извлече Манчестер Јунајтед, кој би бил далеку подобра опција од Баерн.
Мадриѓаните ги увидоа грешките и веднаш по ждрепката испратија жалба со барање да се повтори ждрепката, а на нив се пожалија уште неколку клубови меѓу кои и Виљареал. Реал Мадрид беше еден од ретките кои побараа да не се повтори ждрепката (ја извлече Бенфика), но УЕФА по размислувањата донесе одлука повторно да се извлечат осминафиналните двојки. Па така од 15.00 часот нова ждрепка за осминафиналето во Лигата на шампионите …