ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
26.06.2026
Социјалните мрежи мотивираат, но и создаваат погрешна слика за фитнесот

Во време кога дигиталната ера со себе си носи свои предизвици и седентарен начин на живот, појава на метаболни заболувања и обезност кај младите, неопходно е практикувањето на здрава балансирана исхрана и редовна физичка активност.

За важноста на физичката активност кај младите зборувавме со фитнес тренерот Бојана Ташков, која својата приказна со фитнес студиото “BFit” ја започна во 2021 година. Иако, Бојана е дипломиран електроинженер, сепак својата кариера одлучува да ја насочи кон фитнес индустријата помагајќи им на многу млади да ги постигнат своите цели.

Бојана Ташков

 

„Од моето искуство во текот на овие години можам да кажам дека младите пред дваесетите се помалку застапени и помалку физички активни, додека над 20 години младите веќе стануваат свесни и започнуваат со поголема физичка активност. Не можам да кажам дека за оваа возраст е доцна, но веќе доаѓаат и многу млади со здраствени проблеми. Па поради тоа сакам да поттикнам дури и  од детска возраст, децата да практикуваат редовна физичка активност“, вели Бојана. 

Поради зголемената појава на  здравствени проблеми кај младите како обезност, хормонален дисбаланс, различни типови на искривувања на рбетниот столб, Бојана покрај за возрасните, тренинзи организира и за најмалите од 8 до 12 години. Таа ја потенцира важноста на физичката активност и практиката уште од најмала возраст.

4000 чекори – доволно за намалување на ризкот за здравјето

Фитнесот е значаен за младите, не само за изгледот, туку и за здравјето

Вежбањето носи многу физички, но и ментални бенефити и помага при лачењето на хормоните на среќа, подобрување на менталното здравје и намалување на анксиозност и депресија. Според Бојана, понекогаш самата физичка активност повеќе помага при подобрување на менталното здравје, а подоцна и на физичкото.  

„Социjaлните мрежи може позитивно да влијаат доколку служат за мотивација и за побрз пристап на информации за значењето на физичката активност. Но, можат да влијаат и негативно кога младите ќе започнат да го споредуваат својот изглед со одредени фотографии кои често се едитирани.“, вели Бојана. 

Покрај нереалното споредување во однос на изгледот, на социјалните мрежи кружат и разни популарни фитнес трендови и предизвиди. Еден од највиралните предизвици, популарен помеѓу многуминна од младите е и „75 hard”, каде во текот на 75 дена, покрај режим на исхрана, потребно е и да се изврши и одреден тип на физичка активност два пати дневно во текот на 45 минути. 

Социјалните мрежи може да бидат меч со две острици кога станува збор за фитнесот, но и перцепцијата за физичкиот изглед кај младите

„Очекувано е сите трендови кои се популарни во одреден момент да даваат брзи и моментални резултати. Можеби овој предизвик е добар, но за некои кои претходно биле спортисти или редовно практикуваат физичка активност. За некој кој штотуку започнува со физичка активност да започне да ја практикува два пати дневно без одмор е нереалистично и може да дојде до повреда, „претренираност“ која е честа дури и кај професионални спортисти и едноставно самиот организам не може да го издржи тоа на подолг период.

Јас, како тренер, би препорачала физичка активност која би сакале да ја прават и да биде одржлива на подолг период, без чувство на притисок. Потоа здрава и балансирана исхрана за сето тоа да биде насочено кон водење на здрав начин на живот.“, вели Бојана. 

Според Бојана не постои совршена физичка активност, сè додека се практикува одреден тип. Но, можеби како тренинг со најмногу придобивки таа би го издвоила оној каде има комбинација од кардио, тежински тренинг и вежби за мобилност и флексибилност. 

Во фитнесот нема резултати преку ноќ, треба псоветеност и истрајност

„Најголемиот мит кој го среќавам кај женската популација е дека доколку дигаат тежина ќе добијат „машка градба“. Тоа, секако, не е точно. Друг мит кој го имам слушнато  е дека младите не смеат да дигаат тежина. Но, доколку сето тоа е во рамки на границите, без оптеретеност и е под надзор на сертифициран тренер, тежинскиот тренинг може да придонесе до многу бенефити за младите. Друг мит, на кој често веруваат повеќето, е дека за намалување на телесна тежина ефект има само од кардио тренинг. Вистината е дека за намалување на тежина ефект имаат и кардио тренинзите, како и тежинските тренинзи но, овде најголема улога игра исхраната и калорискиот дефицит.“, вели Бојана. 

Бојана истакнува дека најголемата грешка која ја прават младите при започнување со физичка активност е одредената слика која ја имаат за себе и посегнувањето по брзи и кратки резултати, кои секако во реалноста не се возможни. Но, позитивно е тоа што нејзиното искуство сведочи дека сè поголем дел од младите се свесни за потребата од практикување на одредена физичка активност и голем дел од младите родители тоа го пренесуваат и на своите деца. 

Повик за млади дизајнери: Шанса за настап на Shtip Fashion Days 2026
Што е празникот „Четерсе“ во Штип кој се одбележува на 22 март?