
Изминативе денови во собраниска процедура се доставени предлози за измена на Законот за студентски стандард кои вклучуваат построги правила, мерки и санкции за студентите сместени во студентските домови. Меѓу предложените измени самите прекршоци се поделени на полесни и потешки со соодветни санкции.

Како потешки прекршоци се вбројуваат:внес и употреба на алкохол и наркотици, физичко и психичко насилство, вознемирување и дискриминација, отстапување на собата на друго лице за материјална корист итн… Додека за полесните прекршоци се предвени одредени опомени, за потешките следува забрана за сместување во било кој студентски дом во државата во времетраење и до пет години.
Меѓу студентите, овие предлог измени покренаа бурна дискусија. Додека едни се согласуваат со имплементација на построги мерки, други бараат прво решавање на проблемите и лошите услови во студентските домови со кои се соочуваат со години.
Нови 40 милиони евра за обнова на студентски домови и училишта
„Сметам дека треба да постојат правила и мерки во студентските домови, бидејќи сепак тоа е заеднички простор каде што живеат многу студенти и секој треба да го почитува мирот и правата на другите. Постојат ситуации каде што одредени студенти навистина го нарушуваат куќниот ред, прават голема бучава, оштетуваат имот или се однесуваат несоодветно, и за такви случаи сметам дека треба да има посериозни последици.

Ванеса Спировска и Катерина Степанова
Од друга страна, мислам дека казна како одземање на правото на сместување до 5 години може да биде премногу строга ако се применува за секоја ситуација без разлика на околностите.Важно е мерките да бидат насочени кон оние кои навистина го загрозуваат функционирањето на домот, а не да ги казнуваат сите студенти подеднакво.“, вели Катерина Степанова, студентка сместена во студентски дом во Штип.
„Сметам дека е премногу ригорозна. Мислам дека треба да има подлабока позадина, односно да за да се воведат мерки, но доколку еднаш се внесе, 5 години да не смеат да влезат, не знам некако ми нема логика, покрај сѐ друго што се случува. Треба таа мерка да се дообјасни и преработи, на начин на којшто нема да ги натера студентите да го прават баш спротивното.“, вели Ивана Гошева, студентка сместена во студентски дом во Скопје.

Не е тајна дека во студентските домови внесот на алкохол, организирање забави во студентските простории и гласната музика се честа пракса, особено во моменти после испитни сесии.
„Внесувањето алкохол и организирањето забави не е непозната појава во студентските домови, но тоа не треба да биде причина да се нарушува редот или безбедноста на останатите студенти. Потребно е да се воспостави рамнотежа помеѓу почитувањето на правилата и правичната примена на мерките. Истовремено, сметам дека покрај воведувањето построги мерки, институциите треба да посветат еднакво внимание и на условите за живот во студентските домови.
Студентите заслужуваат квалитетен и нутритивно богат оброк, соодветно греење, добри хигиенски услови и достоинствено сместување. Само со истовремено подобрување на условите и почитување на правилата може да се создаде подобра средина за студентски живот.“, вели Ванеса Спировска, студентка сместена во студентски дом во Штип.

На социјалните мрежи, најбурните коментарии од студентите беа со став дека прво треба да се подобрат условите во студентските домови, па после да се размислува кон казнување на студентите. Главни проблеми со кои се соочуваат студентите во студентските домови се недостаток од здрави нутритивни оброци, доволно греење во зимска сезона, топла вода за туширање и проблеми со инфраструктура и застарени простории.
„Сметам дека дисциплината и почитувањето на правилата се важни, но исто така е важно студентите да имаат обезбедени основни услови за нормален живот во домовите. Не може да се бара од студентите само да ги почитуваат правилата и да имаат одговорност, а во исто време да се занемаруваат проблемите со условите за престој, како што се греењето, хигиената, квалитетот на храната…
Дали модернизацијата на студентските домови ќе го „олесни“ џебот на студентите?
Сметам дека особено построги мерки би требало да има во новите,реновираните студенски домови,со цел да се зачува максимално домот. Според мене, треба да постои баланс. Студентите треба да бидат одговорни и да го почитуваат просторот во кој живеат, но и институциите имаат обврска да обезбедат достоинствени услови за студентски живот. Подобрувањето на условите и воведувањето правила треба да одат паралелно бидејќи само со казни нема да се решат сите проблеми во студентските домови.“, вели Катерина.