
Студентското незадоволство поради високите трошоци за живот, недостапното образование и лошите услови за студирање се прошири во повеќе земји. По протестите во европските градови, во ноември на бранот незадоволство се приклучија и студентите во канадската провинција Квебек.

Фото: The Atlantic
Во Канада, петдневниот студентски штрајк заврши на 13 ноември со масовен протест во центарот на Монтреал. Според организаторите, околу 100.000 млади учествувале во протестните активности низ Квебек. Тие бараа поголема финансиска поддршка, платена практикантска работа, подобри услови за студирање и повеќе инвестиции во високото образование.
Студентите предупредија дека растечките трошоци за живот, особено за кирија и храна, им го отежнуваат студирањето и секојдневието. Дел од нив посочија дека не можат да ги покријат основните потреби, додека практикантската работа во одредени студиски програми останува неплатена.
Завршниот протест во Монтреал не помина без инциденти. По првично мирниот собир дошло до судири со полицијата, која употребила солзавец. Биле оштетени објекти и возила, а три лица биле уапсени. Иако петдневниот штрајк заврши, студентските организации најавија дека ќе ја разгледаат можноста за нов, неопределен генерален штрајк во 2027 година доколку нивните барања не добијат одговор од Владата.
Гласот на младоста: Студентскиот протест како двигател на промени
За потсетување, студентски и младински протести претходно се одржаа и во Франција, Белгија, Грција, Италија и Ирска, а протестни акции беа забележани и во Германија, Австрија и Шпанија. Демонстрантите бараа подобри услови во образованието, поголема финансиска поддршка, пониски студентски трошоци и подостапно сместување. Иако протестите не беа дел од единствено организирано движење, ги обединуваше незадоволството од високите трошоци за живот и неизвесната иднина на младите.
Во меѓувреме, студентските организации во Македонија побараа зголемување на субвенцијата за студентски оброк, посочувајќи дека досегашниот износ не ги следи реалните трошоци за храна. Овие барања покажуваат дека и кај нас во фокусот се прашањата за студентските права, финансиската поддршка и еднаквите услови за образование.