ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
22.12.2021
СЗО/Европа: Трошоците за здравство ги погодуваат посиромашните и домакинствата со стари луѓе
Автор: Goce Author

СЗО/Европа го објави новиот извештај „Дали луѓето можат да си дозволат да платат за здравствена заштита? Нови докази за финансиската заштита во Северна Македонија“. Според извештајот, луѓето во Македонија сѐ повеќе имаат пристап до јавно финансирана здравствена заштита, но катастрофалните трошоци за здравствена заштита остануваат предизвик. Овој извештај испитува до кој степен луѓето во Северна Македонија се соочуваат со финансиски тешкотии кога користат здравствени услуги, а е дел од серија национални извештаи за следење на финансиската заштита во здравствените системи во Европа.

„За прв пат, имаме сеопфатни, силни податоци и можност да го сумираме напредокот во областа на финансиската заштита што го направи Северна Македонија во последните години“, изјави д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, на настанот за претставување на извештајот.

„Во последните години, Европската комисија постојано ја потенцираше потребата од инвестиции во опрема и капацитети во здравствениот сектор во Северна Македонија, како и од мерки за запирање на одливот на медицински персонал од националниот здравствен систем. Анализата на СЗО за финансиската заштита во здравствениот систем на Северна Македонија ја потврдува оваа проценка и дава увид во финансирањето на здравствените услуги во земјата. Северна Македонија треба да развие организациски и раководни структури, како и клучни функции и вештини, за да обезбеди ефективно управување, планирање и раководење со својот јавен систем за здравствена заштита. Особено се потребни се мерки за отстранување на здравствените нееднаквости, вклучително и преку зајакнување на националниот систем за здравствено осигурување. Поддршката на ЕУ за изработката на стратегија за здравје за периодот 2021-2030 г. ќе придонесе за подобро здравје за сите“, рече Дејвид Гир, амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Во 2018 година, над 6 отсто од домаќинствата во Северна Македонија имале катастрофални трошоци за здравствена заштита (големи приватни плаќања мерено според капацитетот на домаќинството да плати за здравствена заштита). Извештајот покажува дека катастрофалните трошоци најмногу ги погодуваат посиромашните луѓе и домаќинствата со постари членови. Тие се должат главно на приватни плаќања за лекови.

Финансиските тешкотии поради формални и неформални приватни плаќања се одраз на постојаните празнини во опфатот со здравствена заштита: дел од населението е неосигурено; опфатот со лекови е ограничен; а заштитата од кориснички трошоци (партиципација) е недоволна. Покрај тоа, уделот на јавните расходи за здравствена заштита во БДП опаѓа.

Новиот извештај дава серија препораки за подобрување на пристапот до здравствена заштита и финансиската заштита во Северна Македонија:

· да се опфати целото население со прекинување на врската помеѓу правото на здравствена заштита и плаќањето придонеси за здравствено осигурување, така што пристапот до здравствена заштита повеќе нема да зависи од здравственото осигурување,

· да се направат лековите подостапни за луѓето преку стратешки набавки, редовно ажурирање на позитивната листа, ослободување на повеќе луѓе со ниски приходи од кориснички трошоци (партиципација) и проширување на годишното ограничување на партиципацијата на сите видови партиципација и

· да се отстранат причините за неформални плаќања, почнувајќи со подобро следење на нивната улога и големина.

Во извештајот се заклучува дека овие промени ќе треба да бидат поткрепени со повисоки јавни расходи за здравствена заштита и со внимателна употреба на новите ресурси за да се исполнат целите за правичност и ефикасност.

Овој извештај е дел од серијата национални студии за собирање нови докази за финансиската заштита во здравствените системи во Европа. Финансиската заштита има клучно значење за универзалната здравствена заштита и претставува основен елемент на функционирањето на здравствениот систем. Регионалната канцеларија на СЗО за Европа им нуди на своите земји членки техничка поддршка за финансирање на здравството преку Канцеларијата на СЗО за финансирање здравствени системи во Барселона. Регионалната канцеларија на СЗО за Европа покрива 53 земји, од Атлантскиот до Тихиот Океан.

 

Паметните телефони ризик – кои се најчести?
Генерацијата Z ги тера миленијалците во пензија