
Светскиот дневен температурен рекорд беше соборен во неделата, покажуваат прелиминарните податоци, а научниците предупредуваат дека човештвото полека навлегува во непознатата територија на климатски екстреми.
Зголемена од загадувањето и испуштањето гасови од фосилните горива, просечната температура на воздухот достигна 17,09 степени Целзиусови, покажуваат податоците на Европската служба за проучување на климатските промени „Коперник“.
Неделата го надмина претходниот рекордер – 6 јули минатата година, кога беше измерена просечна температура од 17,08 степени. Научниците објаснуваат дека иако разликата е исклучително мала, главната причина за загриженост е што тоа е една од последиците што ги видовме во претходните 13 месеци.
„Она што е навистина запрепастувачко е разликата помеѓу температурите во последните 13 месеци и претходните температурни рекорди. Сега сме навистина во неистражена област и како што климата се загрева, сигурно ќе поставиме нови рекорди во наредните месеци и години“, вели директорот на Коперник, Карло Буонтемпо.
Новите податоци доаѓаат во време кога големи делови од светот се зафатени од екстремен топлотен бран. Пеколните горештини предизвикуваат пожари, суши, насилни бури и масовна смрт на луѓе во болниците, домовите за стари лица…
Глобалната просечна температура ги надмина границите на Парискиот договор
Климатологот Зеке Хаусфадер од Универзитетот во Беркли се согласува дека новиот рекорд е загрижувачки знак, но и очекуван кога ќе се земат предвид претходните 13 месеци.
„Ова ја прави 2024 година уште поверојатно да ја надмине 2023 година како најтопла година досега“, истакнува Хаусфадер.
Се очекува забрзаното затоплување на планетата оваа година малку да се забави, барем за малку. Моќниот климатски феномен над Пацификот се менува од неговата неутрална во поладна фаза Ла Ниња. Сепак, трендот на глобално затоплување ќе продолжи се додека луѓето продолжат да испуштаат огромни количини на стакленички гасови.
Директорот на Центарот Икар на Универзитетот Мејнут, професор Питер Торн, кој е коавтор на извештајот на ОН во кој се открива дека човештвото е одговорно за целиот забележан пораст на температурата од 1850-тите, вели дека еден ден во иднина рекордот поставен во неделата би можел се смета за доста студено ако брзо не ги намалиме емисиите на гасови.