
Откако изјави дека сака да се ослободи од логото со сината птица, сопственикот на Твитер, Илон Маск, објави слика од новото лого на платформата – бел знак „Х“ на црна заднина.
Маск ја промени и својата профилна фотографија во новото лого, додавајќи „X.com“ во неговата биографија на Твитер. Извршната директорка на компанијата, Линда Јакарино, напиша „Х е тука! Ајде да го направиме ова“, пренесе Би-би-си.

Фото: Твитер
X is here! Let’s do this. pic.twitter.com/1VqEPlLchj
— Linda Yaccarino (@lindayacc) July 24, 2023
„Врџ“ објави дека доколку се внесе адресата „www.x.com“ на интернет-прелистувач, страницата ве пренасочува кон Твитер.
Маск претходно го смени и името на компанијата Твитер во „Х Корп“. По преземањето на компанијата минатата година, тој рече дека сака да ја претвори Твитер во „Х“ – апликација за сè.
Препознатливата сина птица од логото на Твитер, наречена Лари, заминува во историјата. Коосновачот на платформата, Биз Стоун, во 2011 година рече дека името Лари претставува почит кон кошаркарската ѕвезда и легенда на Бостон Селтикс, Лари Берд.
Инаку, во април, Твитер привремено го смени своето лого во слика со кучето Шиба Ину на криптовалутата Dogecoin, што поттикна пораст на вредноста на дигиталната валута.