
Ученици од Србија во голем број се потпишуваат на петиција за тоа училишната недела да трае 4 дена. Во Србија се водат дебати за тоа дека учениците се преоптоварени со обврски, а сега и самите упатија апел до возрасните низ петиција која досега ја потпишаа повеќе од 44.000 деца.

Клиничкиот психолог и психотерапевт Горан Томин за Н1 ТВ посочува дека децата треба да се послушаат, бидејќи колку помалку се слушаат толку повеќе ќе бидат гласни и драстични во своето однесување. Тој додава дека петицијата не треба да се гледа низ аголот дали нивните барања се реалистични или не, туку како крик на учениците кои порачуваат дека не им е добро.
„Петицијата е еден од начините да тоа излезе од децата и јас тоа многу сериозно би го сфатил. Како да не учиме од сопствените лекции од минатото. Како ништо да не учиме од тоа“, предупредува психологот.
Учениците посочуваат дека им треба повеќе време за други обврски, дека им треба еден дополнителен ден да се опуштат, а два дена да се подготват за училиште. Учениците коментираат дека се чувствуваат како да живеат во училиштата а дека само ги посетуваат своите домови, а низ пораките може да се забележи и споменување на депресија и суицидни мисли.
Томин вели дека е добро што оваа петиција се случила, бидејќи децата конечно успеале да се организираат и да ги изразат своите чувства. Според него слободното време е важно, бидејќи децата мора да играат.