ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
11.01.2024
(Видео) Миовски успешен во Абердин, ќе заигра ли во најсилните лиги?

Бојан Миовски, штипјанецот кој е хит во фудбалското првенство на Шкотска со своите настапи во Абердин, празниците ги минува во својот роден Штип. Разговорот со него го реализиравме на местото каде пред седум години првпат заиграл на фудбалскиот терен – на градскиот стадион во Штип.

-Овде беше мојот прв настап , во 2017 година, заиграв за Брегалница против Ренова. Всушност, јас започнав најпрвин во Мал Ајакс, играв футсал, но фудбалските почетоци се со Брегалница. Потоа, имав епизода во Работнички, каде не добив вистинска шанса, која пак стигна со ангажманот во Ренова. Потоа следуваше трансферот во МТК (Унгарија), и еве ме сега во Абердин – вели Миовски во разговорот за goce.mk , кој во целост можете да го погледнете во видеото.

Миовски се сретна и со управата и фудбалерите на Брегалница, кои само што го завршија тренингот, и практично се потсети на своите денови минати овде. За искуството во Шкотска говори само позитивно.

-Одлично сум прифатен во Абердин, луѓето таму се фанатици за фудбал. Сите ги знаат играчите, ги поздравуваат низ градот, а навивачите се извонредни. Абердин е клуб со голема традиција, од таму потекнува и Сер Алекс Фергусон, и навистина е тешко човек да не даде максимум играјќи за Абердин и за таа публика.

Дека навивачите во Абердин се големи фанатици, покажува и случката со двајца навивачи, кои по следењето на натпреварот на Абердин во Грција, против Паок во Европската конференциска лига, одлучиле да се прошетаат и низ Балканот. Така, според зборовите на Емил Тодев, Претседател на ФК Брегалница, еден ден тие дошле на Градски во Штип, со желба да видат каде започнал да игра нивниот миленик Бојан Миовски!

Миовски на мета на големи клубови, но вели – чекор по чекор…

Во моментов, името на Бојан Миовски се поврзува со можни трансфери, одвреме навреме ќе се појави информација за заинтересираност на големи европски клубови за него. За тоа секако се заслужни одличните настапи и над 30 постигнати голови во дресот на шкотскиот премиерлигаш. Последен споменат клуб е големиот Манчестер Јунајтед, па се пишуваше дека е можно Бојан да биде првиот Македонец кој би заиграл за славните Црвени ѓаволи. Скромниот Миовски вели – чекор по чекор:

-Во моментов сум  сконцентриран на моите настапи за Абердин. Имам договор на две и пол години. Што ќе се случи со мојата фудбалска иднина, ќе видиме. Би можел да кажам дека засега сите тие информации можат да се третираат само како шпекулации. Доколку дојде вистинска понуда, се разбира дека ќе седнам со моето семејство и мојот агент и ќе одлучам што понатаму. Нормално, сон и цел ми е да заиграм во клуб од најсилните пет лиги и мое е само упорно да работам и да играм најдобро што можам – вели Бојан.

Првпат по пет години, најубавите празници – Божиќ, Бадник, ги минува дома, со своето семејство. Вели дека времето го искористил и за средби со пријателите, луѓето кои му значат во животот, кои помогнале во неговиот фудбалски развој. Следува враќање во Шкотска и на професионалните обврски, а којзнае, можеби и трансфер во уште поголем клуб.

Во интервјуто говори и за настапите во репрезентацијата, за можностите на македонски фудбалери да направат трансфер во европските клубови…. И пак повторува – чекор по чекор….

Паметните телефони ризик – кои се најчести?
Генерацијата Z ги тера миленијалците во пензија