
Денеска и официјално е означен стартот на првиот уписен рок на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. До 21 август, сите матуранти кои сакаат да го продолжат своето образование имаат можност да изберат една од 47-те студиски програми на 12-те факултети и трите академии што ги нуди УГД.
Според проректорот за настава, проф. д-р Сашо Коцевски, за оваа академска година се отворени 3.341 слободни места, а првичните бројки од електронскиот систем веќе покажуваат зголемен интерес кај младите. Медицинските науки, информатиката, но и општествените науки оваа година се меѓу најбараните опции за иидните академици.
Покрај официјалните бројки и рокови, голем дел од идните студенти веќе ги направија своите први чекори на уписните места низ Штип, Скопје, Струмица, Гевгелија и Кавадарци. Направивме анкета со дел од кандидатите за тоа што ги мотивирало да го изберат токму УГД за нивна академиска дестинација.

Анкета: Зошто младите го избраа УГД?
Добра репутација и позитивни искуства: Повеќето анкетирани истакнуваат дека клучниот мотив биле позитивните препораки од постарите колеги и пријатели кои веќе студираат тука.
Современи услови за работа: Младите велат дека опремените лаборатории, можностите за практична работа и модерната технологија се главната причина што се одлучиле за овој универзитет.
Пристапни локации и организација: Физичките уписни места во повеќе градови низ државата и можноста за електронска апликација значително им го олесниле целиот процес на аплицирање.
Меѓународни можности: За голем дел од новите студенти пресудна била и можноста за студиски престој во странство преку Еразмус+ програмата и соработката со европските универзитети.
За сите кои нема да стигнат да аплицираат деновиве, УГД најавува втор уписен рок на 3 и 4 септември, додека академската година официјално започнува на 1 октомври.