
На Интернационалната јуниорска олимпијада по природни науки, која се одржа во Колумбија во периодот од 2 до 12 декември, штипјанецот Даниел Христов се стекна со бронзен медал во областите на физиката, хемијата и биологијата. За Гоце.мк, Даниел открива повеќе детали во врска со подготовките и предизвиците со кои се соочил.

Даниел Христов
Имено, Даниел е прва година во Гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип, а во Богота, Колумбија на Олимпијадата, Македонија ја претставувал заедно со Теона Ана Георгиевска од Скопје, Искра Нечаковска од Битола и Михаил Шапчески од Прилеп кои исто така освоиле бронзен медал, како и Марко Серафимовски од Скопје и Олег Трајковски од Битола.
Учесниците беа подготвувани под менторство на Друштвото на физичари на Република Македонија (ДФРМ), во соработка со Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД).
„За олимпијадата се подготвував 3 месеца (септември, октомври и ноември) два пати неделно, во петок и сабота на ПМФ, а последната недела секојдневно се подготвував на ПМФ и покрај тоа што се подготвував таму со професорите, се подготвував и лично сам дома по неколку часови дневно.“, вели Даниел.
Љубовта кон природните науки му се родила уште од мали нозе, па оваа Олимпијада претставува отскочна даска и остварување на детскиот сон.
Средношколци изработија мини болид на Формула 1 и се претставија во Лондон
„На олимпијадата јас не можев да се пријавам лично, туку требаше да се натпреварувам на два селекциони натпревари. До овие селекциони натпревари дојдов благодарение на моите успеси на државните натпревари од хемија, физика и биологија. Откако ги поминав двата селекциони натпревари, ме пријавија професорите од ПМФ на олимпијадата. На мене мотивација ми беше желбата за да научам нешто ново како и желбата за успех.“, вели Даниел.
И покрај обемниот материјал и краткото време за спремање по предметите кои важат како едни од најтешките и бараат покрај теоретскиот и практичен дел кој средношколецот требал да го подготви, сепак Даниел имал еден интересен проблем во поглед на Олимпијадата.
„Најголемиот проблем со кој се соочив е разликата во временските зони кои се разликуваат за шест часа и навикнувањето кон новата временска зона.“, вели Даниел.
Во иднина плановите на Даниел се да се пласира на Сениорските Олимпијади и да продолжи да се надоградува во областа на природните науки.