
Нарушувањата во исхрана се сѐ почест проблем особено кај адолесцентите, но се среќаваат и кај децата. Според Светската здраствена организација околу 70 милиони луѓе ширум светот се дијагностицирани со некое нарушување, а околу 20% од нив, најчесто не третираните случаи, завршуваат фатално. За тоа што всушност претставува нарушена навика на исхрана и во каква сѐ форма може да се сретне, повеќе ни кажаа дипломираните нутриционисти Иванка Караѓозова-Трчкова и Цветанка Петрова.
“Нарушувањата во исхраната означуваат нездрави навики во хранењето, односот кон храната и одржувањето на телесната тежина. Кај некои личности со пореметувања во исхраната се смета дека храната на потсвесен начин се злоупотребува како помош за соочување на емотивни и други психички проблеми. Анорексијата најчесто се појавува кај адолесценти од кои повеќето од женски пол, но сѐ почесто се сретнува и кај машката популација. Анорексијата е многу сериозно нарушување кое во некои случаи може да доведе до откажување на работата на некои органи, па дури и до смрт.
Тука треба да ги споменеме и прејадувањето и булимијата како пореметувања во исхраната. Прејадувањето во кратки интервали е состојба при која прекумерно се консумира храна. Притоа личноста добива прекумерна телесна тежина, што како последица доведува до срцеви заболувања, дијабетес и други хронични заболувања.

Иванка Караѓозова-Трчкова – нутриционист
Булимија е состојба при која личноста консумира храна во нормални или прекумерни количини, но ја елиминира преку намерно повраќање или земање лаксативи. Последиците може да бидат хронично нарушување во исхраната, болести на желудникот и хранопроводот, покачен крвен притисок, паѓање на шеќерот во крвта и други сериозни нарушувања на здравјето”, вели Иванка.
Има различни фактори кои влијаат да се дојде до овие состојби кои можат да бидат сериозни ако не се третираат навреме.
“Најчесто адолесцентите имаат уверувања дека треба да изгледаат како модел, не се задоволни со својот изглед и запаѓаат во состојба која што се нарекува дисморфија – незадоволство од сопствениот изглед. Најголемата штета настанува со неинформираноста на луѓето за здравата исхрана. Пробувајќи да го сменат својот изглед и исхрана на разни начини се доведуваат во сосема спротивното : орторексија, што би се дефинирало како опсесија со здрава храна. Броење калории, читање етикети и нутритивни табели, опсесивно барање на одредени намирници …се само дел од симптомите на орторексичните луѓе.”
Овие нарушувања можат да се третираат, но треба навремено да се препознаат симптомите. Воедно, сите кои ќе забележат одредени симптоми треба навремено да реагираат.
“Сите овие видови на нарушувања во исхраната не можат лесно да се препознаат, најчесто поминува долг временски период низ кој лицето ги применува лошите и нарушените навики, а неговиот изглед долго време може да стагнира и да не покажува никакви знаци на растројство. Потребни се анализи, интервјуа и долги разговори со стручно лице за да се утврди и дијагностицира некоја од овие состојби.”, посочува Иванка.
На нарушувањата во исхраната треба да им се пристапи стручно и тимски. Тим од лекар, диетолог, психолог и останати стручни лица може да помогне во третирањето на овие нарушувања.

Цветанка Петрова – нутриционист
„Добриот ментален склоп е еднакво важен колку и здравата исхрана. Едукација во врска со здравата исхрана и здравиот начин на живот воопшто, мора да постои. Сметам дека од исклучителна важност е на децата да им воведеме здрави навики уште од мали нозе. Со подигнување на свеста можеме да постигнеме многу, како терапевтски така и превентивно”, надополни Цветанка.
Значителни се бројките на луѓе кои страдаат од овие нарушувања, па затоа значајна улога има колективното подигнување на свеста и навремената едукација.