
Децата од финансиски најбогатите семејства имаат повеќе од двојно поголема веројатност да студират на елитните универзитети отколку децата од семејствата од средната класа со исти резултати од тестовите, покажува новото истражување спроведено во САД.
Истражувањето беше спроведено од Opportunity Insights, група истражувачи и аналитичари од Универзитетот Харвард кои ја проучуваат нееднаквоста.

Истражувачите анализирале податоци од осум универзитети од Ајви лигата, покрај Стенфорд, МИТ, Дјук и Универзитетот во Чикаго.
Целта на истражувањето беше да се утврди дали училиштата ги овековечуваат привилегиите и како тие би можеле да го диверзифицираат населението на оние кои заработуваат највисоки приходи во Соединетите држави со менување на политиките за прием.
За да одговорат на ова прашање, тие ги анализираа анонимните податоци за прием поврзани со евиденцијата за данок на доход и резултатите од тестовите S-I-T и A-C-T.
Во студијата се користени даночните пријави од 1999 до 2015 година и резултатите од тестовите од 2001 до 2015 година.
И покрај значителната предност во приемот во елитните училишта, студијата покажа дека слична предност не се регистрира на водечките државни колеџи.
„Огромната разлика во процентите на прием според родителскиот приход помеѓу избраните јавни и приватни институции сугерира дека највисоко рангираните приватни колеџи може да имаат капацитет да го променат своето студентско тело со промена на практиките за прием за да ги имитираат оние што ги користат највисоко рангираните државни универзитети“, се вели во студијата.
Студијата покажа дека неколку фактори доведоа до овие предности: претпочитање за прием за потомци поранешни студенти на факултетот, акцент на неакадемски критериуми и прием врз основа на атлетски перформанси. Истражувањето исто така покажа дека овие критериуми не влијаеле на резултатите по завршувањето на универзитетот, но резултатите од тестовите биле попрецизни во предвидувањето на успехот на студентите по постдипломските студии.

Исто така, се покажа дека посетувањето на некој од елитните универзитети има долготрајни ефекти. Тоа ги зголемува шансите на овие студенти да влезат во првите 1% од оние кои заработуваат за 60 проценти, и речиси ја удвојува нивната веројатност да посетуваат постдипломски студии и тројно ги зголемува нивните шанси да се вработат во престижна компанија.
Во студијата, тие еден процент се дефинирани како оние кои имаат годишен приход над 611.000 долари.
Бидејќи лидерските позиции во Соединетите Американски Држави се несразмерно заземени од дипломирани студенти на елитните универзитети, истражувачите на Opportunity Insights тврдат дека училиштата би можеле да ги диверзифицираат лидерите на нацијата со промена на нивните политики за прием.
„Заклучуваме дека и покрај тоа што едуцираат мал дел од студенти од вкупното население и затоа не можат сами да ја променат стапката на социјална мобилност, универзитетите на Ајви-плус би можеле значително да го диверзифицираат социоекономското потекло на лидерите на општеството со промена на нивните практики за прием“, се наведува во студијата.