
Без разлика дали се работи за индустрија, болници или некој занает – недостигот на работници е се поголем проблем во Германија. Доаѓањето на работници од странство не функционира како што се замислуваше. Сега треба да се реформира Законот за имиграција.
Можеше да биде убава вечер. „Би имал маса за вас“, рекол телефонски сопственикот на ресторанот, „Но, за жал, нема кој да ви готви“.

Photo by Maheshkumar Painam on Unsplash
Ова не е шега. Во цела Германија нема доволно готвачи, помошници готвачи и келнери. Сепак, работната сила не е проблем само во угостителството, пишува Дојче веле.
Возовите се откажани бидејќи нема доволно машиновозачи. На аеродромите се трупаат куфери, оти нема кој да ги претовари. На безбедносните пунктови луѓето губат нерви бидејќи не можат да стигнат до авионите поради долгите редици. Градинките ги повлекуваат потврдите за прием бидејќи нема доволно наставници.
Во истражувањето на Германската индустриска и трговска комора, која ги застапува интересите на неколку милиони компании од индустријата, трговијата и услугите, 56 отсто од компаниите се жалат на недостаток на работници и сметаат дека тоа е една од најголемите закани за нивниот бизнис.
Германската агенција за труд евидентира недостиг на работна сила во 148 занимања, а загрозени се уште 122 занимања. Во просек, потребни се осум месеци додека домот за стари лица не најде старател. Градежните фирми во просек чекаат половина година додека не најдат работници. Низ земјата се објавени конкурси за над 1,7 милиони слободни работни места.
Студенти споделуваат искуство од “Work and travel” програмата
„Пред пет до десет години се рекламиравме само во огласи, за да ги продаваме нашите услуги. Денеска плаќаме огласи во сите видови медиуми за да најдеме работници“, се жали Маркус Винтер, директор на компанијата IDS во Баден-Виртемберг, која вработува работници од секаков вид. Компанијата има околу 750 вработени и има потреба од персонал во повеќе од 20 професии. од бравар до од возачи на виљушкар до возачи на комбиња за испорака на алкохол.
„Сега сме во релативно драматична ситуација која долго време ја предвидувавме“, вели Херберт Брикер, професор на Институтот за пазар на труд и професионални студии во Нирнберг. Според неговите анализи, демографските промени сега се јасно видливи.
Германија годишно губи околу 350.000 членови на работоспособната генерација. Во исто време, демографски силните генерации ќе се пензионираат само за неколку години. Експертите како Брикер пресметале дека до 2035 година на пазарот на трудот ќе има недостиг од седум милиони работници.

Photo by hoch3media on Unsplash
Тоа е огромна дупка. За да се пополни, неопходно е околу 400.000 имигранти да доаѓаат во Германија – и да останат таму – секоја година. Ова се однесува на имигрантите од земји надвор од Европската унија.
Од 2012 година, специјалисти со академско образование можат да дојдат во Германија благодарение на таканаречената „Сина карта на ЕУ“. Меѓутоа тоа не функционира како што се очекуваше.
Херберт Брикер зборува за „разочарување“ и потсетува дека во 2020 година во Германија дошле 30.000 работници од странство, но дека тогаш земјата ја напуштиле 20.000 работници.
Германската влада сега планира да го реформира законот за да се отвори пазарот на труд за работниците кои ја немаат потребната диплома или сертификат – треба да им се даде можност да ја добијат во компаниите што ги вработуваат.
Германија претходно инсистираше на „еднаква вредност“ на дипломите – но тоа сега е минато: во иднина, при вработување, компаниите треба да можат слободно да проценат дали им треба некој или не, а дипломата ќе биде споредна работа.