
8 Март е Меѓународен ден на жената и ја одбележува долгодишната борбата за рамноправност меѓу жените и мажите. Иако, можеби денес се чини дека оваа борба е добиена и постои потполна рамноправност, во пракса не е баш така. Жените сѐ уште се соочуваат со стереотипи и предрасуди, а понекогаш и неправди. Па, овој ден служи за да нѐ потсети на она за кое се бореле нашите предци и за аманетот кој тие го оставиле. Борбата за рамноправност продолжува, а тоа го потврдуваат и младите генерации.
“Во денешно време забележувам дека 8 Март е единствениот ден кога се дава внимание на жените во нашата заедница, но според мене тоа внимание не треба да биде изразено само преку симболична роза или пак подарок, туку благодарност, не само денес, туку секојдневно. Многумина 8 Март го толкуваат како „Празникот на мајките“, што е сосема погрешно. Денес е ден кога се одбележува борбата на жените за целосна РАМНОПРАВНОСТ со мажите, ширум светот.”, вели Сандра Ташкова, претседателка на клубот “GirlUp” во Штип.
За проблемот со родовата еднаквост, Сандра смета дека младите треба да се доволно информирани и едуцирани. Тие имаат можност преку младински активизам да се вклучат во оваа борба. Активности како младински работилници, промоции, он-лајн кампањи и филмски проекции се едни од начините на кои можеме да придонесеме за кревање на свеста во врска со овој проблем.
“Во денешно време ставовите на младите се многу подобрени. Ги гледам промените во мислењето кај сите околу мене и се забележува голем напредок од заостанатите гледања кои преовладуваа до сега. Пред да се зачленам во “GirlUp”, не бев сигурна дали некој вложува труд во едуцирањето на младите за родовата еднаквост, но во последните неколку години навистина има големи промени кои се приметуваат во нашата средина. Патот кон целосна рамноправност е долг, но со проектите и комуникацијата со млади, верувам дека ќе се постигне нашата цел. Има млади кои даваат сé од себе за да ја подобрат својата средина, и верувам дека борбата ќе биде успешна.”, вели Олгица Јованова, потпретседателка на клубот “GirlUp”.

“Почесто ја забележувам таа борба за праведност, па мислам дека нашите генерации навистина знаат да ги препознаат и скршат тие стереотипи, преку комуникација млади со млади, како и самоуверено искажување на своето мислење. Постоењето на социјални мрежи е исто така предност која ја користиме да ја подигнеме свеста за овој проблем.”, вели Сандра.

За потребата за основање на ваквиот клуб, претставничките сметаат дека иако до сега имало младински активизам за борбата за родова еднаквост, позицијата на младите девојки не била доволно потенцирана во општеството. Тие сметаат дека “GirlUp” е само еден поттик за поголемо учество во борбата и едукацијата на сите млади во општеството за еднакви права меѓу родовите.
“Некои претставници на позрелите генерации работат на овие проблеми со години, но многу од нив никогаш не ја добиле храброста да бидат иницијатори на промената. Голем удел во тоа имала нивната средина, која е многу поразлична од нашата средина во денешна Македонија. Тие кои ги започнаа овие борби, станаа голем поттик за нас. Кај младите, сé повеќе се истакнуваат храбри личности кои чувствуваат огромна одговорност кон нивната средина и нивните врсници. Затоа, верувам дека имаме слобода да зборуваме за овие проблеми.”, вели Олгица.