
Според прелиминарните податоци објавени од Светската метеоролошка организација (СМО), првата недела од јули била најтоплата откако се мери температурата. Забележани се и високи температури на морето, како и топење на мразот на Антарктикот.

Фото: Wikipedia
Последиците од високите температури во текот на јуни и во првата половина на јули беа предизвикани од развојот на „Ел Нињо“, кој според проценките дополнително ќе ги подигне температурите на водата и земјата. Се очекуваат екстремни топлотни бранови“, изјави Кристофер Хеви, директор на климатската служба на WMO.
Тој додаде дека тоа претставува опасност за планетата.
„Не само температурата на површината на водата, туку целиот океан се загрева, апсорбирајќи топлина што ќе остане таму стотици години. Толкаво затоплување на океаните има негативно влијание врз атмосферата и топењето на мразот“, изјави Мајкл Спароу, шеф на Светската програма за истражување на климата.
Тој додава дека „Ел Нињо“ се уште не започнал. Европската служба за следење на климата Коперник соопшти дека нејзините податоци, исто така, покажале дека минатата недела била веројатно најтоплата од 1940 година, кога почнале мерењата.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш истакна дека „ситуацијата на која сме сведоци е показател дека климатските промени се надвор од контрола“. Високите температури предизвикуваат здравствени проблеми кои се движат од топлотен удар и дехидрација до кардиоваскуларен стрес, па дури и смрт.
Студијата објавена пред неколку дена сугерираше дека повеќе од 61.000 луѓе починале поради жештините во летото 2022 година.
Најголем дел од смртните случаи биле кај луѓе постари од 80 години. Околу 63 отсто од оние кои умреле од жештините биле жени, покажува истражувањето објавено во списанието Nature Medicine.
Експертите велат дека топлотната исцрпеност и топлотниот удар најверојатно ќе станат почести бидејќи климатските промени стануваат поекстремни. Топлотниот удар настанува кога телото ја губи способноста да се поти.