ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
11.07.2023
Родова еднаквост за надминување на демографската криза
Автор: Goce Author

Без родова еднаквост тешко ќе се надмине демографската криза во земјите од Источна Европа, предупредуваат од УНФПА.

Земјите од Источна Европа, доколку значително не ја подобрат родовата еднаквост, најверојатно нема да ја надминат демографската криза со која се соочуваат, предупредува Регионалната канцеларија на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) за Источна Европа и Централна Азија на денешниот Светски ден на населението.

Децениите на емиграција и ниската стапка на наталитет во земјите во Источна Европа предизвикаа намалување и стареење на населението. Напорите на владите да се справат со кризата, обидувајќи се да го зголемат наталитетот, во голема мера пропаднаа.

„Многу луѓе сè уште мислат дека ако жените имаат повеќе деца, нашите грижи за демографските промени ќе исчезнат“, вели Флоренс Бауер, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.

Многу е мала веројатноста дека ќе се случи ова – ниту една земја во Европа не успеа да го приближи наталитетот до нивото што е потребно за да се запре намалувањето на населението, па дури и да се врати во нагорен тренд. Исто така, обидите да се натераат жените да имаат повеќе деца лесно може да ги загрозат нивните репродуктивни права и нивниот еднаков статус во општеството.

Добредојдовте во 20 век! Жените се грижат за домовите, мажите за општините

„Кога женското тело се гледа само како инструмент за остварување на апстрактните идеали за населението, честопати следат повици за ограничување на правото на жените да донесуваат одлуки во однос на децата и семејството“, додава Бауер.

Родова еднаквост во работната сила може да го зголеми БДП по жител

„Ова, пак, претставува закана по напредокот во однос на родовата еднаквост постигната во изминатите децении и ги враќа жените на статус на граѓани од втор ред, при што нивната вредност првенствено е дефинирана од нивната улога како родилки и негувателки на деца.“

Позитивните ефекти на родовата еднаквост врз економијата и општеството се добро разбрани и документирани. Светската банка проценува дека затворањето на родовиот јаз во работната сила, на пример, ќе го зголеми БДП по жител за речиси 20 проценти во просек. Едно неодамнешно истражување на Обединетите нации покажа дека поголемата родова еднаквост во работната сила многу повеќе ќе ја зголеми одржливоста на економиите во општествата со старо население и низок фертилитет отколку што би се постигнало со враќање кон поголем фертилитет.

Само 4% од бизнисот во Македонија го водат жени – може ли ова да се промени?

Земјите можат да направат многу за да ја подобрат родовата еднаквост и да ја зајакнат својата отпорност кон демографските промени – од воведување семејни политики корисни и за мажите и за жените до борба против родово базирано насилство, од спротивставување на социјалните норми што помалку ги вреднуваат жените и девојките до давање помош на компаниите да ги реформираат дискриминаторските политики на работното место.

„Земјите можат да напредуваат во услови на демографски промени. Но за да се случи ова и во Источна Европа, потребно е да се стави крај на широко распространетата фиксација на наталитетот, а со тоа и на женските тела, како и да се согледа што навистина лежи зад таквиот став – масовно одвлекување на вниманието што нè спречува да најдеме решенија што всушност функционираат и не ги кршат правата на луѓето“, вели Бауер.

Разговорот ни се скратува – секоја година 300 зборови помалку
ПИСА: Македонските ученици меѓу најслабо рангираните во светот – употребата на ВИ ги назадува учениците