ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
04.02.2022
Што претставува и која е позадината зад “Imposter Syndrome”?

“Imposter Syndrome” или “Синдром на измамник” е честа појава во современото општество, но некако се чини дека е занемарена. Имено, станува збор за феномен каде личноста најчесто се чувствува дека постигнатиот личен успех е лажен или недоволен, иако најчесто постои спротивно мислење од околината. Повеќе детали за овој синдром и за позадината зад него ни кажа Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во “Психотерапика”.

“Често успешните и високо образовани луѓе се чувствуваат „лажно“ иако се стремат постојано кон поголем успех и постигнување. Не постои класификација за овој синдром, но најчесто се појавува како резултат на веќе присутно влошување или слабеење на менталното здравје како на пример при депресија или анксиозност. Се активира во моменти на уважување на успехот или постигнувањето кај лицето, нешто за што самата индивидуа доста се труди да го постигне, но не знае како да го прифати моментот како свој, како да ја прифати наградата од работата, или да го прифати задоволството од постигнатото. Значи за препознавање на “Синдромот на измамник” се присутниот страв дека личноста  ќе биде прогласена за „лажна“ и чувството за невредност за сопствениот успех, неприфаќање на позитивниот фидбек, недоверба во другите, преголемо подготвување, препишување на постигнувањата на среќата на надворешни фактори и др.”, вели Живановиќ.

Од каде потекнуваат корените за манифестација на ваквите чувства?

Многу од несигурностите на возрасните имаат тенденција да се пренесат на децата. Една од причините е и нереалната слика на родителите кои ја створиле за детето и уште од мали нозе му цртаат терк по кој тоа мора да се движи. Според Живановиќ, ваквите родители не ни знаат кои се желбите на детето и најчесто ги проектираат сопствените желби врз него.

Фото: verywellhealth.com

“Во развојот на овој синдром најчесто лежи едно нецелосно и условено прифаќање на индивидуата од значајните други, најчесто од родителите, потоа од останата значајна релациска средина. Исто така се појавува доколку индивидуата раснела во доста депривирачка и ограничувачка средина,  каде навидум „не може да се успее“, или „премногу е потребно доколку сакаш да припаѓаш некаде“. Исто убедувањата кои доаѓаат од училишната средина или од предучилишните установи, каде на постигнувањето на детето и младиот се смета за недоволно добро а личноста се стигматизира дека никогаш нема да ги достигне височините на професијата. Се појавува кај родители кои премногу ги притискаат своите деца така што постојано го насочуваат кон многу високи и нереални перформанси/постигнувања и го прифаќаат детето само под органичени услови на исполнување на критериумите.”, потенцира Живановиќ.

Тага, депресија и анксиозност е реалноста на многу деца во Македонија

Зошто славните личности се соочуваат со ваквиот феномен?

Во многу интервјуа, познати личности ширум светот како Viola Davis, изјавиле дека иако сите ги гледаат како успешни и познати, сепак тие не се чувствуваат така и имаат моменти на двоумење. Живановиќ смета дека често пати ваквите личности не можат да се поврзат со успехот затоа што не го чувствуваат како свој, како да не го избрале самите тој пат, туку како да се присилени да го прават тоа. Во врска со овие мисли и чувства се отвори и пејачката Ивана Василева.

“За жал сето тоа го имам видено одблизу и во однос на факултетот и во музиката. Стравот дека не сум доволна добра како вокал, огромен притисок, трема, блокади на испити и настапи, моментот кога се прашував самата што барам на Медицински факултет, потешкотии со учење и неможност да ги искористам моите квалитети. Страв од тоа да не ги разочарам луѓето околу мене и нивните очекувања,  и чувството дека сум неуспешна во животот, помалку вредна од другите, сѐ тоа беше дел од моето секојдневие. Премногу тешки моменти, анксиозност, страв од било каков неуспех направи да се затворам  и да се променам многу како личност. Пофалби имав, се чувствував како да не ги заслужувам па да ви кажам и не ги приметував за разлика од критиките кои ги примав  “со задоволство” и секојдневно ми одѕвонуваа во мислите.”, вели Василева.

“Доволно е сѐ” на Ивана Василева доби и официјален видео-запис

Многу од младите секојдневно се соочуваат со ваквите мисли. Постојано се стремат да достигнат поголем успех, но двоумењето во сопствените способности може да биде посилно. Со ваква препрека се соочил и InvictoZ, 20 годишниот Dj од Штип.

“Двоумењето во себе е нешто кое сметам дека секоја личност со амбиции и цели во животот порано или подоцна ќе треба да се соочи. Сметам дека при такви епизоди мора да бидеме свесни дека тоа претставува ништо повеќе од негативна мисла, и истата треба да ја отстранеме од нашето секојдневно размислување.”, вели InvictoZ.

DJ InvictoZ: На 14 години првпат го симнав софтверот кој и денес го користам, не знаев дека толку ќе ме обземе

Како да се стави крај на овој циклус?

“Потребна  е поголема работа во тим, поголема можност за изразување на стравовите и вознемиреноста во рамки на група, за да сфатат дека не се единствени, потребна им е да научат како да ги слават успесите, како да бидат задоволни од она што можат да го препознаат како постигнато. Потребно им е да си го препознаат циклусот на поврзани и токсични размислувања од кои потоа тешко им е да излезат. Потребно е да прифати дека на сите нас ни се случува во животот да не припаѓаме и не може секогаш со многу труд и напор да го надминеме тоа чувство. Потребно е да зборуваат за својот успех, онака како што им е комотно, да се обидат да го усвојат патот на успехот, да проверат дали тоа е она што навистина го сакаат, или е наметната идеја.”, вели Живановиќ.

Паметните телефони ризик – кои се најчести?
Генерацијата Z ги тера миленијалците во пензија