
Стокхолм објави план за протерување на автомобилите со бензин и дизел од центарот на градот до 2025 година во обид да се намали загадувањето и бучавата.
Од 2025 година, само електрични возила ќе можат да возат во 20 блока од внатрешната зона на Стокхолм, покривајќи ги финансиските и трговските области на градот. Исто така, на почетокот на истата година ќе се одлучи дали зоната ќе се прошири.

Фото: TheCityFix
Објавувајќи го планот, Ларс Стромгрен од градската транспортна канцеларија рече дека поради загадувањето во градот децата почесто заболуваат од белодробни заболувања, а постарите прерано умираат.
„Треба да ги елиминираме штетните издувни гасови од автомобилите на бензин и дизел. Затоа ја воведуваме најамбициозната зона со ниски емисии“, истакна Стромгрен.
Многу градови воведоа, или допрва треба да воведат мерки за намалување на загадувањето. Главниот град на Шведска отиде чекор понатаму. Париз, Атина и Мадрид ги забранија дизелите, а Лондон само најголемите загадувачи.
„Многу градови имаат имплементирано зони со ниски емисии каде возилата со висока емисија не се дозволени или можат да се движат доколку доплатат. Стокхолмскиот модел е подалекусежен. Ќе бидат забранети автомобилите на бензин и дизел, точка“, рече Стромгрен.
Според него, избрана е зона во која секојдневно се изложени на загадување голем број велосипедисти и пешаци.
Сепак, постојат некои исклучоци. Иако е предвидено да можат да возат само целосно електрични возила, поголемите хибридни комбиња ќе можат да се движат. Од правилото се изземени и возилата на полицијата и итната помош.