ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
01.09.2026
Училиштата ги отворија вратите – освен 26 „оптимизирани“
Автор: Goce Author

Училиштата ги отворија вратите – свечен ден за првачињата, враќање во клупите по летниот распуст за сите останати, отворен фронт за политички расправии за оптимизацијата и сите останати дежурни образовни теми.

За 238 илјади ученици – 174 илјади основци и 64 илјади средношколци денеска почнува учебната 2026-2027 година. По летниот распуст тие се враќаат на настава која ќе трае до 10 јуни в година, освен за матурантите за кои ќе заврши на 17 мај. Зимскиот распуст помеѓу двете полугодија ќе биде од 31 декември до 21 јануари.

Бројката на новозапишани првачиња и средношколци уште не е конечна. Засега во МОН се пристигнати податоци за 14 952 запишани првачиња и за 16 932 ученици во прва година средно.

Темата околу која најмногу се кршат, пред се, политичките копја, е оптимизацијата. Како што и беше најавено, 26 рурални училишта нема да ги отворат вратите денеска.

26 училишта во рурални средини се затвораат

Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември привремено се затвораат 26 подрачни училишта, а вкупно 148 се празни училишни објекти во државава, претежно во руралните средини.

Министерката за образование Јаневска информираше дека годинава ќе има 433 паралелки помалку – 222 помалку во основното образование и 211 во средното поради припојување на паралеки со по неколку ученици односно реорганизирање на наставата.

Демографски пад се отсликува во образовниот систем

Јаневска нагласи повторно дека со оптимизацијата на училишната мрежа, ниту еден редовно вработен наставник нема да биде отпуштен од работа. Поголем дел од оние што немаат полн фонд на часови ќе работат во целодневна настава или дневен престој, а некои, по нивни избор, ќе бидат ангажирани како обрзовни асистенти.

Учебниците се распределени во училишатата во примероци колку што тие побарале од МОН, а во процес е и оптимизација на училишната мрежа и затворање на училишта со малку ученици во  руралните средини, кој тече паралелно со воведувањето едносменска настава.

Весна Јаневска, Министерка за образование и наука

-Набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција. Трета година по ред учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Тие се испорачани и од 1 септември може да им бидат поделени на учениците. Задоволство ми е што прашањето за учебници повеќе не е предизвик како во минатото, истакна Јаневска вчера на прес-конференција.

Годинава 14 952 запишани првачиња и 16 932 ученици во прва година во средните училишта

Учебната 2026/2027 година ќе почне со едносменска настава во 620 од вкупно 1023 училишни објекти (подрачни и централни). Јаневска вчера повторно нагласи дека овој концепт обезбедува повеќе придобивки, а најважни се интересите на децата – поголема концентрација на часовите, поголема социјализација, задржување на училиште доволно за да се совлада целиот материјал и да се стекнат соодветни вештини.

Оптимизацијата на училиштата за поквалитетно образование

Поради немање просторни капацитети за  воведување едносменска настава во некои поголеми градови, МОН реализира проекти за доградба на училници во училиштата. Во моментов се доградува во 14 училишта во скопските оштини Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, како и во Илинден и Градско, а уште 15 проекти, рече Јаневска, ќе почнат етапно во следните неколку месеци.

За работа со деца со посебни обрзовни потреби оваа година МОН ангажира најголем број асистенти досега – 1358 во основно и 166 во средно образование. За учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување, ќе биде достапна можноста воведена законски минатата година – да се вклучат онлајн во наставата во класот или, пак, наставникот индивидуално да работи со нив.

Децата изложени на злоупотреба од непознати, но и од блиски
ОБЈАВЕНИ ПРЕЛИМИНАРНИТЕ РЕЗУЛТАТИ: Проверете дали сте примени на УГД во Штип