
Генерацијата Z долго време беше опишувана како генерација зависна од технологијата, нетрпелива и тешка за разбирање. Денес, истата таа генерација повеќе не е само во училишните клупи. Нејзините припадници веќе се наставници, лекари, инженери и професионалци кои активно учествуваат во обликувањето на општеството. Во училиштата сè почесто се случува професорот и учениците да припаѓаат на истата генерација, а разликата меѓу нив да биде само неколку години.

Марија Велјановска
Една од нив е Марија Велјановска, професорка по граѓанско образование, филозофија и социологија, која само еден месец по дипломирањето застанала пред училница полна со ученици што ги разбира подобро од многумина токму затоа што припаѓаат на истата генерација.
„Патот до наставата не го планирав како нешто што ќе се случи толку брзо, но отсекогаш сум сакала професија што подразбира работа и комуникација со млади. Интересно е што предавам на генерација која ми е многу блиска во години, но со текот на времето сфатив дека возраста не е клучниот фактор. Поважно е дали имаш желба да влијаеш врз начинот на кој младите учат и размислуваат“, вели Велјановска.
Иако учениците понекогаш ја доживуваат како личност со која лесно можат да комуницираат, таа нагласува дека улогата на професорот не смее да се изгуби.
„Пред сè се чувствувам како професор, бидејќи таа улога носи одговорност. Но верувам дека авторитетот не се гради преку строгост и дистанца. Секогаш се трудам да бидам достапна за учениците, дури и надвор од училницата.“
За неа, наставата не завршува со учебникот. Особено социологијата ја гледа како можност учениците да научат да го разбираат светот околу себе, а не само да меморираат информации.
„Се трудам теоријата да ја поврзам со реални ситуации, за учениците да почнат критички да размислуваат, а не само да учат напамет.“
Генерацијата Z повеќе сакаат да бидат фриленсери отколку лекари
Токму затоа, покрај редовната настава, организирала и низа активности надвор од училиштето. Учениците го посетиле Собранието на Република Македонија, каде што одблизу се запознале со функционирањето на законодавната власт и разговарале со пратеник за неговата работа. Организирала и настан по повод Меѓународниот ден против врсничко насилство, тема која, според неа, е особено важна за новите генерации.
„Врсничкото насилство не е само индивидуален проблем. Тоа е поширок социолошки феномен кој произлегува од семејството, образованието и вредностите што ги развива општеството. Затоа младите треба да научат не само да го препознаат, туку и да реагираат кога ќе го забележат.“
Меѓу проектите што ги реализирала е и моделот на Обединетите нации, каде што учениците влегле во улога на делегати, дебатирале и барале решенија за глобални предизвици.

„Таквите активности не се само дополнување на наставата. Тие се суштински дел од образованието затоа што ги учат младите самостојно и критички да размислуваат и активно да учествуваат во општествениот живот.“
Иако со своите матуранти ја делат истата генерациска ознака, разликите, како што вели, сепак постојат. Пет години во време на брзи технолошки промени можат значително да го променат начинот на кој младите комуницираат и го доживуваат светот.
„Технологијата, социјалните мрежи и брзината со која се менуваат општествените односи создаваат различни искуства дури и кај блиски генерации. Тоа е навистина интересен феномен, особено за мене како социолог.“
Според Велјановска, возраста никогаш не може да биде замена за знаењето и подготовката.
„Кога учениците ќе видат дека си фер, посветен и добро подготвен, возраста воопшто не претставува проблем. Авторитетот произлегува од знаењето, искуството и здравата комуникација. Кога младите ќе ги препознаат тие вредности, авторитетот се појавува природно.“
Зошто Gen Z сака втор извор на приходи уште пред првата плата?
Како млад професор, најголемата предност ја гледа во тоа што лесно ги разбира интересите, комуникацијата и начинот на размислување на учениците. Од друга страна, признава дека почетоците носат потреба постојано да се докажуваш.
„Како почетник постојано треба да го докажуваш своето знаење. Но мислам дека тоа е нормално и ме мотивира постојано да учам и да се усовршувам.“
Приказната на Марија Велјановска покажува дека генерацијата Z повеќе не е само предмет на анализи и критики. Таа веќе активно ја презема улогата на едукатор, носејќи поинаков пристап кон наставата – помалку дистанца, повеќе комуникација, повеќе критичко размислување и поголема поврзаност со реалниот живот.
А можеби токму тоа е најголемата промена во современото образование – кога професорот и учениците не ги делат децении, туку само неколку години, наставата станува простор во кој секојдневно учат едни од други.