
Цел кварт во Женгжу, дом на најголемата фабрика за iPhone во светот, е блокиран, што би можело значително да влијае на производството на iPhone.

Фото: YouTube
Кинеските власти затворија цел кварт во градот Женгжу, во кој се наоѓа најголемата фабрика за iPhone во светот. Квартот е под строги мерки против ширење на коронавирусот. Полицискиот час започна во средата и се очекува да трае седум дена.
Овој потег може да влијае на производството на новиот iPhone 14 во фабриката на Foxconn во градот.
Луѓето и компаниите во Кина се соочуваат со ригидна политика на нулта толеранција кон корона вирусот од страна на претседателот Кси Џинпинг.
Локалните власти во средата објавија дека затворањето на економската зона на аеродромот Женгжу ќе започне веднаш и ќе заврши на 9 ноември. Услугите на јавниот превоз се суспендирани, а луѓето се советувани да работат од дома, се вели во официјалното соопштение на социјалната мрежа WeChat.
Ги снема карантините и Нетфликс почна да губи претплатници – дали само поради тоа?
Надлежните наведуваат дека „одлучно ќе се зафатат со сите видови прекршувања“.
Женгжу е главен град на провинцијата Хенан, во централна Кина, и е дом на околу 10 милиони луѓе. Минатата недела во градот се пријавени 167 нови случаи на корона вирус, што е значително зголемување во однос на 97 од претходната недела.
Сето ова се случува во клучен момент за компанијата Apple, набргу по лансирањето на iPhone 14, како и во пресрет на божиќните и новогодишните празници.

Фото: YouTube
Фабриката на Foxconn во Женгжу вработува околу 200.000 работници и таму се произведуваат повеќето од новите телефони на Apple. Компанијата објави дека дневните бонуси во производствениот центар се двојно зголемени. Сето тоа се случува по бегството на работниците за време на карантинот на Ковид.
Како што наведуваат, бонусите за работниците на монтажната лента ќе бидат зголемени на 400 јуани (околу 3000 денари) дневно. Оние кои работат повеќе од 25 дена месечно во фабриката ќе добијат максимален бонус од 5.000 јуани (40.000 денари). Тоа е повеќе во споредба со претходните 1.500 (околу 12.000 денари).
Се додава дека на оние кои ќе вложат „сите напори“ во текот на ноември, без ниту еден ден отсуство,би можеле да добијат вкупен бонус од повеќе од 15.000 јуани (120.000 денари) за тој месец.
Компанијата соопшти дека бонусите се дел од напорите за „постепено обновување на производството“ и изразување благодарност за „упорноста на вработените“.
Официјални бројки за бројот на заразени во фабриката сè уште не се објавени.
„Фокскон“ минатата среда објави дека станува збор за „мал број вработени“. На нив дека им биле обезбедени „залихи со храна, психолошка поддршка, како и сите потребни информации“.
Сепак, на кинеските социјални мрежи се појавија видеа од работници кои наводно бегаат од фабрикат. Работниците, исто така, тврдеа дека областа околу фабриката била затворена со денови. Работниците кои биле позитивни на „Ковид-19“ биле ставени во карантин и секојдневно тестирани.
Foxconn објави дека веќе нема да бара од работниците да јадат во своите соби, „во интерес на квалитетот на живот на вработените“.
Компанијата додаде дека работи со локалните власти за транспорт на работници за секој што сака да си оди дома. Сепак, не е јасно како работниците ќе се вратат дома поради новите мерки. Foxconn и Apple не одговориле на барањето на BBC за коментар.
И други компании во Кина беа погодени од корона вирусот во последните денови.
Производителот на електрични возила Nio го потврди прекинот на производството во две фабрики во источниот град Хефеи.